Дали болките во нозете на вашето дете не му дозволуваат да спие во текот на ноќта? Можно е да се во прашање болки од растењето. Тие се јавуваат во мускулите на двете нозе, кај децата од претшколска возраст и оние што влегуваат во пубертет. Најчесто се јавуваат во доцните часови, а некогаш може да доведат и до будење на детето во текот на ноќта.

Обично почнуваат уште во раното детство, околу 3. и 4. година. Подоцна повторно се јавуваат помеѓу 8. и 12. година.

Предизвикувачи на болките од растот

Без разлика што името ги поврзува со растењето, нема докази дека овие болки се поврзани со наглото растење на детето. Наместо тоа, може да бидат само болки во мускулите поради интензивните активности. Тоа вклучува трчање, скокање, качување. Обично се јавуваат по напорен ден исполнет со премногу спортување.

Симптоми на болките од растењето

Се разликуваат од дете до дете. Некои имаат силни болки, некои не. Повеќето од нив не ги чувствуваат секој ден. Може да се јават и едноставно да престанат. Некогаш ги чувствуваат со месеци, дури и со години. Доколку вашето дете се чувствува добро наутро, не носете брзи заклучоци дека глуми. Тие болки многу често исчезнуваат наутро.

Всушност, болките се јавуваат во пределот на двете нозе, особено во предниот дел на бутовите, задниот дел од нозете или под колената. Студиите покажуваат дека постои можност децата што чувствуваат ваква болка да се всушност чувствителни на болка воопшто. Овие деца многу често може да имаат болка и во главата или во пределот на стомакот.

Како се дијагностицираат болките?

Докторот најчесто ги дијагностицира преку преглед и разговор за симптомите, како и семејните болести. Затоа би требало да разговарате со лекар кога сметате дека вашето дете го има овој вид болка. Во текот на физичкиот преглед лекарот нема да види никакви абнормалности. Прегледот на крвта и рендген-снимки обично не се потребни.

Како се лекува болката?

Третманот зависи од јачината на болката што ја чувствува детето. Некои од начините за детето да се чувствува подобро се:

– Масажа на нозете;
– Истегнување на мускулите (може да биде тешко ако детето е многу мало);
– Топли облоги на нозете (бидете внимателни да не го изгорите детето и не правете го ова додека детето спие).

Доколку болките не се намалат, може да прашате лекар дали е во ред да користите лекови против болка. Се разбира, почитувајте го дозирањето според лекарското упатство. Никогаш немојте да му давате аспирин на детето. Употребата на аспирин може да доведе до Рејев синдром.

Кога би требало да се обратите на лекар?

Бидете сигурни дека болките се јавуваат во двете нозе. Доколку се јавува во една нога, тоа може да биде знак за некој посериозен проблем. Разговарајте со лекарот доколку се случува ова. Исто така, многу е важно да знаете дали болките се јавуваат во мускулите, а не во зглобовите. Се разбира, тие не предизвикуваат кривење со нозете, ниту температура.

Доколку забележите некои од наведените симптоми, обратете се на лекар. Тоа не се болки на растење, но докторот би требало да го прегледа детето во случаи на:

– Повреда, како тежок пад;
– Температура;
– Губење на апетитот;
– Кривење или тешкотии при одењето;
– Исип;
– Црвенило, топлина, оток, бол во зглобовите;
– Исцрпеност;
– Нагло губење на килограмите.



912

X