Вести, мерки на претпазливост, самоизолација, упати за новите навики на однесување, секојдневен разговор за вируси, заболени и починати во последните неколку недели се единственото нешто што го слушаме и за што зборуваме. Неизвесноста која нè следи нас, возрасните, но и децата, буди чувства и доживување на несигурност, страв, загриженост, тешкотии. Експерти, епидемиолози уште немаат одговори на тоа какво влијание ќе има состојбата и што точно нè очекува во следниот период. Сепак, возрасните луѓе ги учат механизмите за сопствено соочување, како чекор по чекор да се носат со новонастанатата ситуација. Од друга страна, децата, особено оние од претшколска возраст и основно образование, немаат капацитети за соодветно да се соочат без помош на возрасните и блиските луѓе.

Во нивните глави тие живеат истовремено сосема поразличен живот – не мора да одат на училиште, учат од дома; и целосно несигурен живот – гледаат на вести, слушаат во разговори дека сите мора да внимаваме, дека сме потенцијално загрозени, гледаат празни улици, во продавниците празни полици. Мислите што им поминуваат низ нивните глави имаат предзнак за грижа: Што е вирус? Можам ли јас да заболам, дали ќе умрам? Што ако моите родители добијат коронавирус? Дали ќе бидат добро моите дедо и баба, мојот сосед? Ако оној човек кашла, дали и јас ќе се заразам? И слични прашања. Исто така, постои дел од децата чии родители и блиски се наоѓаат во болниците и/или самоизолација. За децата, самоизолацијата е многу апстрактен поим. Ниту возрасните не знаат што мислат и што преземаат, а децата се сигурно пет чекори зад нив.

Најдобро што можеме да го направиме за децата во овој момент е разговорот со нив – токму на начин и ритам кој им одговара. Нема истите информации да ги делиме со деца од претшколска и со деца од средношколска возраст. Детето кое е вознемирено ќе бара повеќе поддршка и наша заштита за разлика од детето што не се грижи и е окупирано со игра. Сепак, важно е да бидеме тука за детето, ако му требаме. Пред на детето да му објасниме што било, треба да провериме што тоа знае и мисли, кои се неговите уверувања.

Што да му кажете на детето ако некој близок е во самоизолација?

На детето од претшколска возраст можеме да се обидеме да му ја објасниме новонастанатата ситуација на следен начин – коронавирусот, баш како и другите болести (настинка, грип), го забележуваме по тоа што имаме температура, кашламе, се чувствуваме изморено и исцрпено. Исто така, можеме да кажеме дека вирусите се преносливи, па можно е ако некој има температура, а ние разговараме со него, и ние да добиеме температура (можеме да го потсетиме детето на некоја негова настинка што ја поминало порано). Важно е на детето да му се објасни зошто сега се чуваме повеќе од обично. Можеме да му кажеме дека овој вирус е еден од оние што брзо преминуваат на друга личност и затоа можело да слушне на улица или да види на интернет дека многу возрасни лица зборуваат дека треба да се чуваме и да внимаваме колку што можеме повеќе.

Можеме на детето со едноставен јазик да му кажеме дека некои луѓе патувале или се дружеле со лица што го имаат овој коронавирус, па затоа мора 14 дена да бидат под надзор за да се провери дали вирусот преминал во нивното тело. Би било добро да му се објасни целта на самоизолацијата – дека таткото/мајката/бабата/дедото/соседот со лекар ќе проверат дали во текот на дружењето со други лица се заразиле или не, а тоа ќе го дознаат така што ќе им се мери температура, ќе се следи како се чувствуваат, па ако лекарот се сомнева на коронавирус, тогаш ќе ги испрати на понатамошни анализи. Исто така, мораме на детето да му објасниме и дека ако мама и тато немаат температура или кашлица во тој период, тогаш тие се здрави.

Детето сигурно ќе се прашува што се случува ако некој има вирус, особено ќе има многу прашања ако некоја личност од неговата средина има вирус. Ако некој од семејството или некој близок има вирус, обидете се на детето да му објасните конкретно со пример. На пример, тато се жалел дека има температура, го мачела кашлица, сме викнале лекар и тој рекол дека тато мора да оди во болница за да се провери дали има вирус. Лекарите во болницата потврдиле дека има, па сега мора да биде некое време во болница за лекарите да му помогнат да се чувствува подобро и да се излекува.

Иако тато ти недостига, во болница лекарите, кои знаат многу за тој вирус, ќе се погрижат тато да биде подобро што побрзо. Знам дека исто така би сакал да го посетиш, но лекарите не го дозволуваат тоа за и ние да не се разболиме. Можеме да му се јавиме, да го прашаме како е. Има мобилен и можеме да му испраќаме слики, видеа, да му напишеме порака. Откако тато ќе се излекува, ќе дојде дома и тогаш ќе продолжиме да се дружиме како и вообичаено – вака може да му се обратите.

На дете од претшколска возраст важно е да му дадете информации кои се конкретни и јасни, да му дадете идеја што ќе се случува понатаму. Можеби ќе мораме да повториме повеќе пати, но давањето информации ја спречува веројатноста дека во неговата мала глава ќе се развијат страшни идеи, како и дека ќе се информира на непроверени места. Со дете од основно образование се применуваат истите методи, но сепак можеме да споделиме повеќе информации, заедно да го истражите вирусот, да ги погледнете вестите и заедно да ги коментирате, да ги договорите правилата кои сите домашни ќе ги почитуваат. Важно е на детето да му се нагласи дека вирусот не е опасен ако го препознаеме навреме, ако се јавиме на лекар и ако ги слушаме неговите упати.

Со детето треба да се разговара на јазик кој го разбира. Исто така, детето можеби ќе ни постави и некои прашања на кои немаме одговор. Во тие ситуации треба да бидеме искрени и да му кажеме дека ќе се обидеме да дознаеме од луѓе и личности што знаат. Се разбира, можеме и заедно да истражиме и да провериме на веб-страници што нудат релевантни информации. Важно е детето да се насочи и да му се покаже на кој начин да внимава, што треба да преземе, но и да се осмисли остатокот од денот, да се направи план на активности, се разбира, водејќи грижа за тоа да сме сигурни и заштитени. На детето структурата му дава чувство на сигурност.

Автор: Ана Рагуж, магистер по психологија



912

X