Една дадилка се пожалила на „Редит“ дека работи за многу неодговорна мајка која постојано доцни. Долго била трпелива и толерантна, но последниот инцидент толку ја налутил што повикала полиција, а интервенирал и Центарот за социјални работи.

– Знам дека требаше порано да реагирам, но нејзините деца се толку слатки и добри и ми требаше дополнителна заработка – напишала дадилката и истакнала дека неодговорната мајка со часови останала надвор.

– Ги чував децата за таа да може да оди порано на ручек. Но, таа заминуваше во 11 часот, а се враќаше во 19 часот. Немав време за моите обврски. Никогаш не се придржуваше до времето кога ќе се врати. Не ми се ни јавуваше да ми каже дека ќе доцни – пишува дадилката. Ѝ се смачило кога мајката требало да се врати дома до 21 часот. Загрижената дадилка ѝ се јавила неколку пати околу 22 часот, па во 2 часот, но мајката не одговарала. Не одговарала ниту на пораките.

– Беше полноќ и ми пропаднаа плановите да излезам со пријателите. Бев лута и исцрпена. Ѝ оставив порака во која ѝ кажав дека ако не се врати дома за еден час, ќе помислам дека си ги оставила децата и ќе повикам полиција.

И покрај заканата, мајката не се јавувала.

– Да ми се јавеше и да ми речеше дека ќе се задржи, со задоволство ќе се грижев за нејзините деца. Не го познавам таткото, ниту некој друг член од семејството, па повикав полиција околу 1:30 по полноќ. Кога стигнаа, им ја покажав нашата кореспонденција, дека мајката требаше да се врати дома во 21 часот. Се обидоа да ја контактираат, но ни на полицајците не им одговори – раскажува дадилката.

Околу 3 часот наутро ја разбудил телефонски повик од лутата мајка која прашала каде се нејзините деца.

– Ѝ кажав дека повикав полиција која ги однесе децата во полициска станица. Таа бесно почна да пцуе и јас ја спуштив слушалката и го исклучив мобилниот. Следниот ден ме пречека нејзина порака во која пишуваше дека полицијата се јавила кај таткото на децата и дека Центарот за социјални работи започнал истрага против неа. Ме нарекуваше со сите можни погрдни имиња – откри дадилката.

Иако на почеток мислела дека е правилно што повикала полиција, подоцна, кога разговарала со пријателка, почнала да се сомнева во нејзината постапка.

– Не мислев дека грешам додека не разговарав со пријателка која има деца. Таа ми рече дека не требаше да направам толкава драма, туку да почекам неодговорната мајка да се врати и да дадам отказ. Сега може да го изгуби старателството над децата поради мене – пишува дадилката.

Повеќето редит-корисници ѝ напишале дека ја направила вистинската работа и дека и тие би постапиле на истиот начин.

Извор



912

X