Воспитување

Дадилка на четиригодишно девојче: Поради таблетот, од креативно дете се претвори во чудовиште

Дадилка на социјалната платформа „Редит“ го сподели своето разочарување во врска со четиригодишното девојче кое го чува, кое целосно се променило поради користењето таблет и ги повикува родителите по секоја цена да ги избегнуваат уредите.

– Малите деца не ми се нешто ново, но четиригодишното дете за кое се грижам претходно имаше пристоен распон на внимание и уживаше во различни активности. Одевме на прошетки, градевме кули од песок во паркот и игравме игри на табла. Сега сѐ што сака да прави е да користи таблет – напишала дадилката.

Таа додала дека се обидува да го пренасочи детето на некоја друга активност, но по пет минути девојчето се нервира и повторно го бара таблетот.

– Кога почнав да се грижам за неа, нејзините родители беа против технологијата. Пред неколку месеци попуштија и ја направија најголемата грешка. Таа е раздразлива, многу бара и воопшто не е детето што беше пред да дојде таа глупост во нашите животи – додала таа.

Дадилката ги споделила своите чувства со родителите, но вели дека нејзините зборови не допираат до нив.

– Жал ми е кога гледам како таа од креативно дете се претвори во чудовиште залепено за таблет. Тажно е да се види како Роблокс и Јутјуб го пржат детскиот мозок – заклучила таа.

Уредите ги прават децата нетрпеливи за интеракциите во реалниот свет

Педијатарот Самина Јусуф вели дека студиите покажуваат поврзаност помеѓу прекумерното време поминато пред екранот и различните физички и ментални здравствени проблеми кај децата, како што се дебелината, депресијата, проблемите во однесувањето и анксиозноста. Покрај тоа, користењето на уредот може да влијае врз спиењето, што може физички и психички да му наштети на детето и неговиот развој.

– Најголемата последица од прекумерното време поминато пред екраните е нетрпеливоста во интеракциите во реалниот свет. Не треба да бидете трпеливи пред екранот, тоа е моментално задоволство. Но, кога разговарате со некого лице в лице, потребно е трпение, а децата треба да се научат да чекаат, да слушаат и да одговараат – објаснува таа.

Горенаведеното ги поставува основите за развој на здрави врски и пријателства кај децата. Затоа д-р Јусуф препорачува родителите да ги следат овие упатства:

-Децата на возраст под две години воопшто не треба да користат екрани.
-Децата на возраст од две до пет години можат да користат екрани до еден час дневно.
-Децата на возраст од 5 до 17 години не треба да користат екрани повеќе од два часа на ден, освен за учење.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top