Мајките се одлични во мултитаскинг – тие едноставно немаат избор. Планирање, истражување, организација, преговарање, управување со времето и лидерство. Ваквите сложени задачи можат да залажат дека се работи за висока менаџерска позиција во мултинационална компанија. Сепак, се работи за мајчинството и целокупната логистичка структура на таа улога.

Како резултат на тоа, прашање кое сѐ повеќе се наметнува е дали овие вештини треба да имаат свое место во биографијата на мајките или не, вели Мередит Туритс, новинарка во Би-би-си.

Тоа е прашање на личен избор

Наместо тоа, прашањето можеби треба да се постави на следниов начин: дали мајките можат да имаат придобивки од додавањето на тој наслов или би можеле некои систематски вкоренети предрасуди за мајките да дадат спротивен ефект?

Застапниците за признавање на мајчинството како професионална квалификација се согласуваат дека оваа улога претставува обука на жените во клучните професионални вештини. „Многу студии покажуваат дека мајките се всушност попроактивни во својата работа, како и дека подобро се справуваат на менторска позиција. Кога ќе ги доведете мајките до лидерство, резултатот е често профитабилност“, вели Лорен Смит Броди, основач на „Петтото тримесечје“, консултантска фирма со седиште во САД која им помага на компаниите да ги поддржат и да ги задржат родителите како вработени.

Броди вели дека нејзиното истражување покажува дека и мајките знаат совршено да управуваат со времето помеѓу задачите, што доведува до поголема ефикасност. Ако работодавците се подготвени да ги препознаат овие вештини, вклучително и мајчинството меѓу професионалните квалификации на работниците, тоа може да придонесе за подобро позиционирање, смета таа.

Истражувањата долго време посочуваат дека работодавците сметаат оти мајките се помалку способни да напредуваат во споредба со вработените што немаат деца.

Студијата на Универзитетот „Харвард“ покажува дека работодавците проценуваат оти мајките се 10 отсто помалку компетентни од работниците без деца и ги сметаат за 12,1 отсто помалку посветени на работата (додека татковците се сметаат за 5 отсто помалку посветени на работата). Покрај тоа што ги става жените во неповолна положба во однос на нивните кариери, овој пристап влијае и врз нивниот потенцијал за долгорочна заработка. На мајките им се нудат и пониски основни плати отколку на кандидатите без деца.

Конечно – да се додаде мајчинство во вашата биографија или не?

Зависи од кандидатот, но и од работодавецот или личноста од другата страна. Имплицитната пристрасност е голем фактор и сопственото искуство на другата личност ќе влијае врз одлуката не само во согласност со перцепцијата за мајчинството како улога, туку и со ставот за професионалноста на додавањето на таа титула во резимето.

Мајките треба да ги разберат и добрите и лошите страни на таа одлука

Мајките треба да разберат дека додавањето мајчински наслов во нивните резимеа не е вообичаена практика. Меѓутоа, ако работниците можат да направат промена во корпоративната перцепција на долг рок, придобивките би можеле да бидат позитивни за двете страни. Броди се надева дека нормализацијата на мајчинството е можна и верува дека титулата генерално се движи кон пошироко прифаќање на работното место, а работодавците сѐ повеќе го гледаат тоа како предност, наведува Би-би-си.

Извор



912

X