Знаеме колку е скапо родителството. Нашите банкарски сметки ја чувствуваат реалноста од воспитувањето деца. Но, не се случува често да застанеме и да размислуваме колку чини бабите и дедовците да имаат внуци.
Обично бабите и дедовците им праќаат слатки подароци на внуците, плаќаат оброци кога целото семејство е заедно, па дури и придонесуваат за нивните заштеди за образование. Но, некогаш не сфаќаме колку значителен финансиски товар имаат бабата и дедото, иако нивните деца се пораснати.
Бабите и дедовците се жртвуваат за да можат внуците да напредуваат
Една нова анкета ја открива неверојатната сума на пари што бабите и дедовците ги трошат за помагање да се подигне следната генерација. Разговарано било со 1.200 баби и дедовци и резултатот е дека во просек, бабите и дедовците секоја година трошат 4.000 долари за своите внуци. Десет проценти од анкетираните изјавиле дека дале 10.000 долари или повеќе.
Покрај тоа, според истражувањето, 63% од бабите и дедовците прават парични жртви за среќата на нивните внуци – а 26% живеат поконзервативно, за да можат да помогнат во издржувањето на нивните внуци.
Има повеќе статистички податоци од истражувањето, вклучително и дека 10% од бабите и дедовците се задолжуваат или го одложуваат своето пензионирање, за да продолжат да помагаат со нивните придонеси за внуците.
Важно е да се напомене дека овие статистики не нагласуваат само мал сектор на постари лица. Всушност, 96% од бабите и дедовците велат дека на некој начин финансиски придонесуваат за своите внуци, без разлика дали помагаат во плаќањето на дневните трошоци, облеката и обувките, одморите, образованието или здравствената заштита. Во меѓувреме, дури 16% од бабите и дедовците имаат барем едно внуче кое живее во нивниот дом.
Како што се истакнува во истражувањето, сегашните баби и дедовци поседуваат најголем дел од богатството во Соединетите Држави, што може да биде причина зошто обезбедуваат толку голема финансиска поддршка за потомството на нивните потомци.
Бабите и дедовците што даваат финансиска поддршка не се новост
Пети Дејвид, потпретседателка на „Консумер инсајтс“ им кажува на родителите дека тоа не е изненадување.
-Во 2018 година, кога ја водевме нашата последна студија за баби и дедовци, просечната потрошувачка беше околу 2.600 долари годишно. Шест години подоцна, таа бројка се искачила на 4.000 долари.

Таа додава дека повеќе од половина од бабите и дедовците имаат барем едно внуче кое живее на повеќе од 200 милји подалеку. Тоа значи дека цената само за посета е често предизвик.
Но, Дејвид забележува дека има многу други начини на кои бабите и дедовците можат да додадат вредност во животот на нивните внуци, надвор од трошењето пари, особено ако финансиите се ограничени.
-Она што бабите и дедовците го сакаат повеќе од сѐ е да имаат врска со своите внуци и да поминуваат време со нив. Постојат многу начини на кои можат да го направат тоа без да потрошат големи суми пари. Улогите на модерните баби и дедовци се состојат од тоа да бидат извор на мудрост, пренесувачи на семејното наследство, пријатели, раскажувачи, учители, ментори и негуватели – заклучува Дејвид.
Автор: Мелиса Вилетс