Најбитно е да има од кого да учат, да учат од примери. Уште денес може да почнеме да работиме на себе

Децата на 21 век имаат многу можности и предности – модерната технологија, достапноста на информациите, слободата на говорот… Од друга страна, денешниве деца не знаат дека може убаво да се игра и на некоја маалска полјана со другарите, а не само во домот на некое дете кое ја има најновата игра на компјутер или мобилен телефон.

На многу родители им е полесно технологијата да им го расте детето. Секако, треба да ги искористиме олеснувањата што ги нуди, но таа не смее да биде заменски родител.

Јулиана Вршковска

Заборавивме на вредноста на читањето. Да ги научиме децата да читаат. Може да читаме заедно, секој својот избор. Децата мора да почувствуваат дека може да се ужива во светот на книгата, а еднакво важно е и да уживаат во претставата, во филмот, во културата. Таа значи напредок.

Многу од денешниве деца не знаат дека радоста од добиената играчка или, пак, посакуваниот подарок не е најважната работа на светот. Истото задоволство како она што го нуди подарокот кај детето може да се постигне со заедничко поминато време. Ниту подарокот нема да го замени родителот. Колку квалитетно го минуваме времето со децата?

Да им понудиме искрена поддршка кога работат нешто! Тоа не значи дека родителот треба да ја заврши обврската на детето, како и дека сè што ќе направи детето мора да е совршено.

Денешниве деца не знаат дека не е најважно да го имаш она што сите го имаат. Тие не знаат дека не е најважно да кажеш сѐ што мислиш на својот профил на социјалните мрежи за да добиеш најмногу лајкови.
Децата треба да научат дека имаат право да кажат што мислат, но на соодветен начин, со кој нема да повредат некого. Тие треба да научат да им се доверуваат само на вистинските пријатели и на нивните родители. Но, она што е најбитно e да има и од кого да учат, да учат од примери. Да им ги покажеме вистинските морални вредности.

Денешните деца не знаат многу битни работи. Тие не знаат затоа што ние, возрасните, не сме им кажале, не сме ги научиле дека е позитивно и важно да си посебен, различен, неповторлив.

Уште денес може да почнеме да работиме на себе. Да не чекаме со внуците да ги сфатиме нашите родителски грешки и да се искупуваме за нив.

Јулиана Вршковска, наставник по македонски јазик во ПОУ ,,Јахја Кемал“- Струга



912

X