Напомена: во текстот ќе има многу генерализирање. Не се сите родители исти и, за среќа, денес има многу мајки и татковци што своите ќерки и синови ги одгледуваат еднакво, играчките и активностите сами ги избираат, па така девојчињата одат на фудбал, а момчињата на балет. И тоа е нешто прекрасно, кога имаме слух за сопствените деца, не ги етикетираме, туку ги одгледуваме како прекрасни поединци.

Да се вратиме на насловот: „Да ги учиме девојчињата наместо да ги средуваат куќите, да подготвуваат револуции“ е натпис кој го прочитав на еден плакат, пред неколку години, на ноќниот марш по повод Денот на жената. Тогаш не бев мајка на едно девојче, но таа реченица длабоко ми се врежа во сеќавање. Денес сум мајка на едно мало девојче и оваа реченица почна да ме прогонува. Како во овој луд свет да ги одгледуваме своите деца?

Сите бебиња се слатки, но девојчињата се особено слатки. Ако имате ќерка, сè што некогаш сте добиле за неа како подарок било розово. Розово боди, розови пижами, розово ќебенце, розови чорапи, розови маици, розови јакни, ленти и капи. Бидејќи такви се веројатно и девојчињата, розови, слатки, нежни. Тие исти мали бебиња подоцна стануваат мали девојчиња кои ние ги учиме да бидат фини, пристојни, убаво да се однесуваат. Не е тоа нешто лошо, но зошто и момчињата не ги учиме на истото: нив ги учиме да бидат силни, храбри, авантуристи. И играчките што ги купуваме (често) се делат на машки и женски. Куклите и куќичките за куклите за девојчињата, железниците и возовите за момчињата.

Девојчињата обично ги учиме да го чистат својот неред. А кога момчињата се обидуваме да ги научиме дека чорапите се фрлаат во кошницата за валкана облека, а играчките во плакарот за играчки, дома често даваме спротивен пример. Да бидеме реални, кој кај вас чисти повеќе? Кој се грижи сè да биде на свое место? Кој никогаш не се одмора? Па мајката. Денес времињата, сепак, малку се промениле, но не толку драстично. Сакале ние тоа да го признаеме или не, помалку има еманципирани мажи кои самоиницијативно ќе ги стават садовите во мијалникот или ќе ја вклучат правосмукалката. Ги има, но помалку. Најмногубројни се оние на кои треба точно да им се каже што да направат.

Земи ги децата од градинка.
Купи тоалетна хартија.
Кога ќе дојдеш дома, подготви им ручек на децата.
Прошетај го кучето.
Исчисти го подот.
Погледни што имаат за домашна задача.
Ок. Нема проблем. Папи е тука. Папи со тоа ќе се справи.

Ако во упатствата сте заборавиле да речете „ако падне дожд, собери ја облеката од балконот“, може и бомби да паѓаат, но тие нема да забележат дека воопшто имате балкон, а камоли облеката што надвор се суши… на дожд… или додека паѓаат бомби, не е важно.

Тој вид мажи се нарекуваат „мајката сè правела место мене, но јас сум добар и модерен, па ќе направам сè што треба – ако на тоа ми се насочи вниманието“, и тоа е во ред. Бидејќи освен првиот вид, кој е редок, и вториот вид, кој е доста чест и всушност денес ја прави онаа некоја златна средина, постои и трет вид мажи – „хомо идиотус“. Таквите би ги ставила во топ. Тие можат да бидат вработени или не, но домашните работи не се нивно задолжение бидејќи тие се мажи. А синот никако не може да оди на балет, бидејќи не е геј.

И сега замислете каква порака „хомо идиотус“ ѝ испраќа на својата ќерка. Тој чека ручек додека сопругата истовремено се справува со децата и ручекот. Тој во тоа време се одмора, лежи на каучот и гледа телевизија. Не учествува во одгледувањето на децата. Не ги чува. Не ги гледа валканите чинии во мијалникот и кога ќе го замолат нешто да направи (треба да го замолите за помош бидејќи тој всушност не живее во таа заедница, туку само престојува како во хотел), тој не го прави тоа бидејќи не е негова работа – тоа е женска работа. „Хомо идиотус“, за жал, често е груб, гласен и насилен. На својата ќерка ѝ праќа порака дека таа е помалку вредна, дека нејзина работа е да му служи на мажот и дека нема право на глас. „Хомо идиотус“ во своето семејство има и момче. Него, исто така, го учи да биде идиот. Кретен. Дека сè може да добие со сила. Кој е виновен што група момчиња си даваат право да силуваат девојче? Родителите. „Хомо идиотус ин примис“. Кој е крив што мажите земаат право да истепаат девојче, кое едноставно ги одбило? Колку само такви примери сме виделе и слушнале на вести во последно време.

„Хомо идиотус“ и неговите учења не се само на телевизија, тие се во нашата зграда, можеби врата до нас. Тие одат по нашите улици, влегуваат во нашите училишта, одат на истите места каде што одиме и ние и нашите деца. Време е на таквите идиоти да им се стави крај. А тоа можеме да го направиме така што ќе ги одгледуваме и воспитуваме своите деца – и момчиња и девојчиња – да го чистат нередот зад себе и да креваат револуции, заедно, додека шетаат рамо до рамо, еднакви. Не е девојката курва бидејќи носи мини. Па и да шета гола наоколу, никој нема право да ја допре. Не е девојчето курва ако не сака да биде со оној или овој дечко. Не е девојката лесна ако има провокативни фотографии на својот профил на „Инстаграм“. Не е девојката виновна што ја силувале бидејќи пиела премногу, бидејќи консумирала некои опојни средства или само затоа што била секси. Девојката не е никогаш виновна кога ќе се случи насилство. Таа е жртва. И на оној на кој тоа не му е јасно, тој исто така е „хомо идиотус“.
Јас имам ќерка. Се надевам дека ќе имам и син еден ден и ако сака да оди на балет, ќе оди.

Би сакала и Леона утре да има долг јазик како мене, да застанува зад своите ставови, да биде сигурна во себе, да знае дека ни небото не е граница (Леона, ако сакаш да бидеш астронаут, слободно биди). Сакам во нашето мало семејство да научи каков машко-женски однос е правилен. Сакам да научи дека мама и тато треба само да се почитуваат, сакаат и да си бидат поддршка еден на друг. И утре да не се согласи на ништо помалку.

Затоа што жената не е послабиот пол.

Затоа што жената не е осудена на тоа да биде некому понизна.

Затоа што жената не мора за еднаква работа да има помала плата.

Автор: Елена Виан Пројиќ, професорка, блогерка



912

X