Премиерот Зоран Заев, заедно со министрите за здравство, за образование и наука, за правда и за труд и социјална политика, односно Венко Филипче, Арбер Адеми, Рената Дескоска и Мила Царовска, се сретна со група родители што не сакаат нивните деца да ја примат вакцината за заштита од вирусите на морбили, рубеола и паротит, или МРП-вакцина.

На средбата, како што информираат владините служби, премиерот Заев истакнал дека одлуката на Владата да прогласи епидемија на ситни сипаници на територијата на целата земја и да се спроведе вонредна вакцинација е донесена врз основа на научни факти и мислења на експерти, според кои во услови на намален колективен имунитет и пораст на бројот на заболени, единствен начин да се сузбие епидемијата е да се спроведе вакцинација во и надвор од здравствените установи.

Родителите, од своја страна, пак, изразиле став на несогласување за обврската нивните деца да ја примат вакцината и дека очекуваат тие да посетуваат градинка и да бидат запишани во училиште.

Фото: Влада

– Министерот за здравство Венко Филипче рече дека освен со законски норми, во услови на епидемија, вакцинацијата е задолжителна за сите невакцинирани лица, без разлика дали станува збор за деца или за возрасни луѓе. Додаде дека фактот што во градинка не одат невакцинирани деца дава резултати во справувањето со епидемијата на морбили – стои во соопштението.

Според родителите, вакцинацијата треба да биде право на избор на претходно информиран родител.

– Владата се заложи во претстојниот период да се спроведе јавна презентација на факти и медицински анализи пред сите засегнати страни, но пред сè пред родителите со цел темелно и точно да бидат информирани за МРП-вакцината. Владата постои за граѓаните, но моја законска обврска е да ги слушам експертите, стручните анализи. Го задолжувам министерот за здравство да ве собере на голема презентација и дискусија на која пред сите ќе се презентираат медицинските факти и секој ќе може да каже мислење. Наша цел е здравјето на децата и на граѓаните – заклучил премиерот Заев.



912

X