Девојчињата растат опкружени со натпреварувачки пораки. Медиумите им говорат дека треба да бидат слаби и убави, но дека не е прифатливо да се биде горд на својот изглед. Кога е во прашање интелигенцијата, од нив се очекува да бидат паметни и успешни на училиште, но да внимаваат да не изгледаат премногу паметно.

До тинејџерскиот период, девојчињата по правило имаат помалку самодоверба од момчињата. Поголема е веројатноста дека ќе имаат ниско ниво на самоувереност, дека ќе му даваат поголемо значење на својот изглед и ќе сметаат дека се помалку способни од своите пријатели момчиња.

За среќа, постојат проверени стратегии кои можете да ги користите за да воспитате самоуверена девојка која ќе се поставува себеси на прво место и ќе верува во сопствените сили. Еве како да го направите тоа:

1. Покажете ѝ како изгледа силна, независна жена

Бидете ѝ пример. Дајте ѝ до знаење дека ги цените и вреднувате своите сопствени таленти. Искористете ја секоја можност за да упатите пофалби кон други жени, нагласете дека е добра идеја жената да има свој живот надвор од односот со партнерот. Развијте ги своите интереси, заземете се за себе и покажете ѝ дека жените се совршено способни да управуваат со својот живот. Зборувајте позитивно за своето тело и никогаш не зборувајте лошо за изгледот на другите жени.

2. Охрабрете ја да си поставува високи цели

Ако ја научите својата ќерка од рана возраст дека мажите и жените еднакво се способни и дека може да успеат во која било професија што ќе ја изберат, поголеми се шансите дека таа ќе развие широк спектар на интереси и дека ќе одбере кариера според она што сака да го прави и дека нема да ги ограничи своите избори на традиционално женските професии.

3. Охрабрете ја да учествува во различни активности

Помогнете ѝ на ќерката да развие интелектуални, социјални и спортски вештини. Ако покаже интерес за некоја активност – дури и ако се смета дека тоа го прават момчињата – дозволете ѝ да се обиде. Тимските хобија се одличен начин девојчињата да стекнат пријатели и да научат како да градат здрави односи.

4. Секогаш сериозно сфаќајте ги нејзините стравови

Ако ќерката некогаш ви се обрати со некој проблем, немојте да ѝ кажете да не биде глупава или дека претерува. Ваша улога како родители е да ѝ обезбедите сигурен простор во кој може да разговара со вас за сè што ѝ се случува во животот. Научете ја дека има право да биде сослушана. Тоа ќе ја изгради нејзината самодоверба затоа што ќе научи дека нејзините грижи и чувства се важни и дека заслужува помош кога ѝ е потребна. Слушањето без осудување, исто така, ќе придонесе за позитивен однос помеѓу вас, што ќе воспостави темели за цврста врска во годините што доаѓаат.

5. Пофалете ги нејзините достигнувања

Звучи очигледно, но момчињата и девојчињата еднакво имаат корист од континуирани пофалби и охрабрување. Меѓутоа, кај девојчињата постои дополнителна компликација. Од многу рана возраст девојчињата учат дека нивниот изглед е поважен од нивните вештини или нивниот карактер. За да се борите против оваа порака, погрижете се да ѝ честитате на нејзините училишни и спортски успеси. Кога љубезно се однесува кон другите, кажете ѝ колку сте горди на нејзиниот карактер.

6. Учете ја дека односите со луѓето се важни, но дека и нејзината благосостојба секогаш мора да биде на прво место

За повеќето од нас односите со луѓето играат клучна улога во нашите животи. Нема ништо лошо во тоа да се заљубите, да сакате да бидете дел од круг на пријатели и да им помагате на други луѓе. Меѓутоа, од девојчињата и жените често се очекува да бидат емотивни и физички негуватели само поради тоа што се припадници на женскиот пол. Од нив се очекува на другите да им ги исполнуваат желбите и се поттикнуваат да ги задоволуваат другите, а не да водат грижа за себе. Во некои случаи можат да бидат присилени своите кариери и интереси да ги стават во втор план. Поради тоа, може да станат неисполнети, депресивни и полни со горчина. Учете ги своите ќерки како изгледа здраво пријателство и врска и кажете им дека имаат право да му кажат „не“ на кого било, дури и на партнерот и на пријателот.

Не постои полесен начин – за да воспитате самоуверена ќерка, потребни се многу љубов и труд. Ќе морате со сопствен пример да ѝ покажете што е здраво однесување и многу да разговарате за тоа што значи да се биде силна жена во денешно општество. Понекогаш можеби ви се чини дека ја губите битката против пораките што вашата ќерка ги добива од медиумите, училиштето, од пријателите, па дури и од некои членови на семејството. Меѓутоа, кога таа како возрасна личност ќе се осврне на своето детство, ќе ви биде благодарна што сте ѝ помогнале да изгради здрав идентитет кој не зависи од одобрувањето на другите луѓе.



912

X