Одговорни сте кога пред вашите очи детето ги кине гранките и дрвјата, а вие не реагирате.

Одговорни сте и кога фрла петарди, а 14 кучиња и мачки во околината го преживуваат теророт.

Дали знаете дека сте одговорни и тогаш кога вашето дете е малтретирано – треба да ја препознаете промената во однесувањето.

Вие имате должност, драги родители, да му читате книги на детето за да стекне навика.

Вие имате должност да одговорите на милион прашања на кои и самите не го знаете одговорот.

Должни сте.

Драги родители, виновни сте! Виновни сте само вие што вашето дете сурфа на интернет без надзор. Виновни сте што гледа „Фарма“ со вас. Виновни сте што не ја пишува домашната задача. И што не ги почитува постарите, за тоа сте особено виновни. Виновни сте и за вокабуларот што го користи. И за тоа сте виновни. И виновни сте за вандализмот и секој вид уништување на нечиј имот, како личен така и туѓ.

Засрамете се.

Засрамете се што немате време да поминете и да разговарате со вашето дете. Тоа ќе реши многу од овие проблеми. Засрамете се што вашето дете фрла ѓубре надвор од местото предвидено за тоа. Засрамете се за секоја ситуација кога  вашето дете направило голема грешка и му наштетило на некој друг, а вие сте го одбраниле. Особено за ова засрамете се.

Зошто?

Истото дете го видело насилството во „Фарма“. Тоа исто дете утре ќе користи пцости затоа што ги слушнало таму. Се прашувате каде? На тоа исто дете вие лично му дозволувате да фрла петарди од трет кат под прозорците на луѓето на приземје. Баш на приземје живее жена со слабо срце, знаете за тоа? Дали знаете дека не е убаво што децата до полноќ играат кошарка додека луѓето во 4 стана во околината не можат да затворат очи од нив? И за тоа сте одговорни. Баш поради тоа сте виновни. И треба да се засрамите.

Научете ги децата на вистински вредности, научете ги на вистински и искрени работи, немојте да ги труете со таблети и телефони. Таблети и телефони = цуцла на 21 век. Не, драги родители, немојте, ве молам, нека не ве мрзи да го однесете детето на прошетка само затоа што некој на работа ве налутил. Немојте предоцна да сфатите дека сте виновни и одговорни.

Научете ги дека не е срамота што некој и во новата учебна година го носи стариот ранец. Кажете им дека не е срамота да го подели чоколадото со некого. Бидејќи ако ги учите на спротивното, тогаш вам треба да ви биде срам.

Живејте, сакајте се, смејте се, учете, шетајте, пејте, танцувајте заедно. Играјте ја и таа проклета кошарка, но во пристојно време. Не учете ги да бидат неодговорни. Неодговорноста е наследна. Небрежноста е наследна. Вината и однесувањето исто. Како што се однесувате кон нив, така тие утре ќе се однесуваат кон вас, кон вашите родители, кон пријателите, кон сопругите/сопрузите, кон колегите, кон браќата и сестрите, кон нивните деца. А тогаш ќе биде доцна за осознавање на сето ова.

Ве молам, забележете го малтретирањето навреме. Спречете гледање каква било експлицитна содржина на „Јутјуб“ што поддржува и предизвикува да висат низ прозорец. Обрнете внимание на единиците во дневникот, охрабрете ги да ги поправат, помогнете им да ги поправат.

Ве молам, драги родители… ве молам, само бидете родители. Светот ќе биде подобар.

Автор: Сузана Кисин

Извор



912

X