Клиничката болница „Жан Митрев“ денеска информира дека од понеделник почнува со редовна работа, со сите мерки за заштита од заразување, како и досега, и апелира до пациентите со разни хронични болести, особено од кардиоваскуларна природа, навремено да си закажат термини за да се избегне можен метеж или евентуално подолго чекање.

– Сакам да потенцирам и да ја известам јавноста дека ние сме, и останавме, една од можеби ретките болници воопшто во кои ниту еден од персоналот не се зарази од коронавирус и покрај тоа што ние први почнавме да ги тестираме пациентите. Со сите мерки што ги презедовме и ги преземаме во однос на изолација и третман на пациентите, хигиената и вкупно сите услови во болницата, успеавме досега да останеме, така да кажам, чиста болница. Благодарение на тоа, пациентите имаат уште поголема безбедност и да бидат спокојни дека тука за нив нема дополнителна опасност од заразување од веќе заразен персонал, како што е обично во другите болници – изјави основачот на клиниката, академик д-р Жан Митрев.

Видовме дека во пошироки рамки, во Европа и во САД, додаде д-р Митрев, голем процент од персоналот се зарази од пациентите со Ковид–19, и така станаа опасност за другите пациенти, што не е случај во нашата клиника.

– Сите потребни мерки се преземени и пациентите во нашата клиника се безбедни. Ви посакувам убави празници и постепено нормализирање на целокупниот живот – вели д-р Митрев.



912

X