Д-р Ранко Рајовиќ посочува дека многу родители го хранат своето детето во количка додека тоа гледа во телефон и дека од тоа веќе никој не се срами бидејќи стана практично нормално.

– На предавање, кога ќе ми дојдат родители и ќе видат дека тоа е грешка, се збунуваат и се прашуваат како понатаму? Како да го хранат детето без телефон? Не сака да јаде. Тоа значи дека веќе го направиле детето зависник – детето јаде само кога гледа во екран. Мајката го храни, таткото го држи телефонот и детето јаде – објаснува Рајовиќ.

Зошто хранењето на детето пред екран е проблематично?

Д-р Рајовиќ вели дека на тој начин детето постојано бара стимулација. Тоа ја поврзува храната со тој вид стимулација, па ако не го добие телефонот, не сака да јаде. Тогаш мајките попуштаат за да го нахранат детето бидејќи, се разбира, важно им е тоа да јаде. А потоа навлегуваат во уште поголем проблем.

– Ми се јавуваат родители и ми велат: „Ние сакавме да го укинеме седењето пред екран, но не може“. Ги прашувам како не може? Велат дека детето не јаде. Значи детето е веќе измамено, мозокот го измамил и ја бара менталната стимулација додека јаде – вели Рајовиќ.

Што друго повлекува одбивањето на храната?

Рајовиќ додава дека кога детето не сака да јаде, тогаш често се случува да негодува. Не ја сака понудената храна, па тогаш храната му се пасира. И доаѓаме до тоа дека многу деца јадат мелена пасирана храна. И тука настанува проблем.

– Ако консумира само мека храна, детето нема да ја развие вилицата. Што е последица – имаме сè повеќе млади луѓе што вадат по 4 заби. Не ги собира во устата. Нам устата ни се намалила за 30 години. Тоа порано го немало. Некој вели – па што има врска. Па вадиме 4 заба, ако е намалена долната вилица, намалено е и лежиштето за јазикот. Не е јазикот само тој орган што го гледаме, тоа е многу поголем орган. Ако јазикот нема лежиште, тој малку се истиснува, по милиметар или два, а комплетната циркулација во устата се менува. Веќе се отвора врата за некои проблеми со дишењето. Покрај сето тоа, стоматолозите велат дека ако им даваме мека храна, ќе има и повеќе кариес – тврди Рајовиќ.

На врежаното мислење на родителите дека млечните заби не се важни, Рајовиќ вели дека тоа е огромна заблуда и дека тие се поважни и од постојаните заби.

– Ако млечниот заб го извадиме поради кариес, храната оди исклучиво на другата страна во устата и тие мускули се зајакнуваат, се јавува хипертрофија и тие силни мускули прават асиметрија на лицето, го повлекуваат вратниот мускул, па се менува целата оска на главата, се нарушува држењето на телото, ‘рбетот спирално се витка, па доаѓа до сколиоза. Уште ако детето има рамни табани, речиси сигурно ќе дојде до нарушување на држењето на телото. Значи хигиената на забите и цврстата храна се многу важни. Детето треба да ја зема таа храна в раце, а не ние да го храниме – заклучува Рајовиќ.

Извор



912

X