Кога го побаравме, прво што искоментира беше: „Сакам веднаш да потенцирам дека јас сум само еден од многуте што се дел од оваа борба. Јас сум поединец, а ова е заедничка битка, на сите нас“

Сакам моите деца да знаат дека давам сè од себе за да помогнам, а и сите други деца, дека во животот треба да се биде јак и храбар за кога ќе ти се укаже можност, да помогнеш и да не се штедиш, вели д-р Азби Агуши. Тој е еден од лекарите што се во првите редови во борбата против Ковид-19. Како лекар од КАРИЛ (Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување) до завчера беше во првата група анестезиолози ангажирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби за лекување на најкритично болните.

Кога го побаравме, прво што искоментира беше: „Сакам веднаш да потенцирам дека јас сум само еден од многуте што се дел од оваа борба. Јас сум поединец, а ова е заедничка битка, на сите нас“.

Децата сакаат да се прегрнуваат но… Тоа се тешки моменти

Д-р Агуши е татко на три деца, ќерки на 9 и 2 години и син стар 5 години.

– Уште кога ширењето на вирусот доби пошироки размери, очекувавме дека ќе бидеме вклучени како помош на колегите од Клиниката за инфективни болести. Се погоди јас да сум во првиот тим и со уште двајца колеги специјализанти да сме вклучени како лекари што имаат искуство со механичка вентилација, интензивна нега и терапија. Самото тоа што бев прв ангажиран од КАРИЛ не го примив лесно, што е сосема природно ако се земе предвид дека науката сè уште го истражува вирусот. Но и пред колегите и во кругот на семејството не сакав да се покаже стравот кој е сосема нормален за тој момент, особено кога гледаш дека расте бројот на заразени. Мојот внатрешен немир сакав да биде контролиран – раскажува д-р Агуши.

Прво разговарал со семејството и објаснил дека ова е борба која не ја води еден човек, туку група луѓе кои се вклучени деноноќно за да им помогнат на болните. Успехот зависи од сите нас.

Поради ангажманот, морал строго да го ограничи бројот на луѓе со кои ќе има контакт.

– Морав да им кажам дека тоа ќе биде еден период во кој мора и физички да се одделиме и заеднички да се поддржиме за сè да заврши како што треба. Се одлучив тоа да го направам и како лична жртва за да се намали кругот на луѓе со кои контактирам и евентуално да не се прошири вирусот. Сопругата и децата отидоа кај нејзините родители, а јас останав дома. Одев да ги видам, но надвор и оддалеку. Ни беше скратена можноста за прегратки, за близок контакт. Контактиравме со маска, од растојание. Децата сакаат да се прегрнуваат, помалите потешко разбираат дека не смее… Тоа се тешки моменти, тоа се искуства на сите луѓе што се вклучени во оваа борба – раскажува д-р Агуши.

Не го гледаме уморот

Кога ќе влезеш во установата во која работиш, мора да го имаш предвид фактот дека одиш да им помогнеш и на колегите кои се вклучени во лекувањето повеќе од еден месец и на пациентите на кои им е неопходен твојот професионален ангажман, вели нашиот соговорник.

– Од првиот ден ние работевме со најкритично болните пациенти. На почетокот мојот ангажман беше целодневен. Иако требаше да работиме во смена, ние се усогласувавме и се организиравме. Останувавме многу повеќе отколку што беше предвидено зашто навистина имаше потреба да воспоставиме рутина. Сите беа согласни на тоа, секој од нас е свесен дека мора и треба да се направи сè што е неопходно за пациентите и сите сме подготвени за тоа – вели докторот.

Најголемиот страв на почетокот за него бил дали ќе биде од корист за тие пациенти.

– Ниту јас ниту колегите не гледавме колку ќе се умориме или колку сме уморни. Со ангажманот воспоставивме рутина, добивме стабилизација на општата состојба и можам да кажам дека беше успешен. Сепак, епилогот не зависи од еден човек, има многу луѓе и околности што се вклопуваат – вели д-р Агуши.

Се чувствуваш беспомошно кога ќе изгубиш човек, но борбата мора да продолжи, им требаме на други

Анестезиолозите на КАРИЛ редовно работат со пациенти во критична состојба и се обучени да се соочуваат и со најтешки состојби. Но сега стресот е далеку поголем и како што вели нашиот соговорник, мора да се биде смирен, сконцентриран и присебен.

– Најтежок момент, иако ние како анестезиолози се судираме со секакви судбини, е кога ќе видиш како тоне млад човек, а претходно нема откриени сериозни заболувања. Кога си во ситуација да не можеш повеќе да помогнеш, верувајте, тоа е многу тежок момент. Има пациенти кај кои текот на болеста е многу драматичен. Се чувствуваш беспомошен, тешко е, треба да споделиш лоша вест со неговите најблиски… Но потоа ќе се освестиш дека целата борбата уште трае и твојот ангажман не завршува со тој пациент, туку им требаш и на други, да помагаш. Тоа ти дава мотив да продолжиш иако си дел од една таква реалност. Непознатото за вирусот, од една страна, плаши, но и мотивира да се трудиш, да истражуваш, за позитивен епилог, од друга страна – раскажува нашиот соговорник.

Гледаш колку сме врзани и колку заеднички судбини делиме, независно од расата, убедувањата, религијата…

По сето ова што се случува невозможно е да не се промени погледот на животот.

– Верувајте, не само јас, туку сите гледаат на оваа ситуација како на искушение. Со тоа што одбрав да сум анестезиолог знаев дека ќе се судрам со секакви околности, но ова сега покажува дека има многу работи што не зависат од твоето знаење или моќ и почнуваш поинаку да размислуваш. Многу повеќе да го цениш животот, мигот, семејството, пријателите, познатите, непознатите… Тука практично гледаш колку сме врзани и колку заеднички судбини делиме сите ние, независно од расата, убедувањата, етнички или религиозен аспект… Сите ние сме луѓе. Тука зборот војна добива вистинска смисла, има заеднички непријател на сите луѓе. Инаку, сите други војни се од недостиг на дијалог, почитување… – вели докторот.

Доблест и гордост е да се помогне кога другите се беспомошни

На своите, но и на сите други деца, како што потенцира, им порачува дека животот е капитал кој мора да се живее, да се планира, да се биде јак и храбар за кога ќе ти се укаже можност, да помогнеш и да не се штедиш.

– Оваа ситуација ги дели луѓето на оние со активен пристап и оние што имаат активен придонес. Но сите сме заедно во ова и зависиме еден од друг. На моите деца, но и на сите, од оваа гледна точка им порачувам дека за да се истрае во животот, потребна е жртва. Таа не мора секогаш да биде од аспект на физичкото, туку за нешто што човекот го чувствува однатре. Таа подразбира и истрајност, која им помага на луѓето околу тебе. Да се истрае не е лесно зашто постои и опасност од стигматизација. Јас влијаев на моите деца за ова и им објаснив дека ангажманот на нивниот татко треба да го чувствуваат како гордост, затоа што е здравствен работник. Сакам да знаат дека  давам сè од себе за да помогнам. Доблест и гордост е ако родителот помага кога другите се беспомошни – додава д-р Агуши.



912

X