Децата реагираат на привлечните бои на таблетките затоа што им личат на бонбони. Затоа треба внимателно да се чуваат. Меѓутоа, што треба да направите ако сметате дека детето голтнало таблетки?
Бабата случајно ги оставила своите таблетки против висок крвен притисок на орманчето. Изгледаат како бонбончиња, па внуката решила да ги проба. Токму неодамна мајката ѝ дала убави таблетки за шмукање (витамини), па зошто да не земе и од овие… Педијатрите се изнаслушале вакви приказни.
За да избегнете ваква ситуација, треба да внимавате на следното:
– Дури и кога вашите деца се многу послушни и паметни, никогаш не оставајте им ги таблетките на дофат. Децата се премногу љубопитни за да можат да се контролираат. Шарените таблети што личат на бонбони сигурно ќе им го привлечат вниманието. Затоа возрасните мора многу да внимаваат да не ги доведат малечките во опасност.

– Чувајте ги лековите во цврсто затворено (по можност заклучено) орманче. Доколку детето голтне некакви таблетки, последиците навистина можат да бидат трагични.
– Ако се сомневате дека детето голтнало некои таблетки, веднаш повикајте итна помош. Отворете му ја устата и веднаш извадете ги евентуалните остатоци од таблетката.
– Исплакнете му ја устата на детето неколку пати, а потоа дајте му да испие чаша вода во која сте раствориле 2-3 таблетки активен јаглен.
– Не давајте му млеко. Млекото ја забрзува апсорпцијата на лековите.
– Некои препарати дејствуваат толку брзо и интензивно што е доволна само една таблетка за да загрози живото-важни функции. Тука спаѓаат нитроглицеринот, дигоксинот и амитриптилинот.
– Не сте сигурни дали детето голтнало таблетка? Пред да повикате итна помош, не испуштајте го детето од вид. Детето што било ведро и весело нагло ќе го промени расположението ако голтнало опасен лек. Ќе стане поспано и нерасположено или во сонот ќе почне да се превртува, да плаче и да вика. Веднаш повикајте итна помош!

 



912

X