Во „Чудновија“ живеат сите познати и непознати фантастични суштества што можеме да ги сретнеме во бајките и во митовите од сите култури на светот. Се разбира, има и суштества што лично јас ги измислив, а ако некое дете има некое свое измислено суштество, тоа сигурно живее негде во „Чудновија“, вели авторот, ликовниот уметник Матеј Богдановски

Светот кој го сонувал како дете, во кој живеат секакви митски суштества, кентаури и еднорози, големи волшебници и ликови создадени од неговата детска фантазија, ликовниот уметник Матеј Богдановски ги оживеа во книгата „Приказни од Чудновија“. Раскажана е преку 17 приказни, меѓусебно поврзани, со десетина илустрации. Богдановски е автор на комплетниот производ. Бајковитиот свет од „Чудновија“ ќе биде промовиран вечерва. Промотор на книгата ќе биде Јана Јакимовска, академска сликарка и професорка на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Богдановски вели:
– Намерно не сакав да ставам многу илустрации. Децата сами треба да си го визуализираат тој свет. Затоа има само 11 илустрации и една мапа на „Чудновија“. Целата книга има 68 страници.

Како се создаде светот „Чудновија“ и дали може да се лоцира во нашата галаксија или е во подалечните делови на космосот?
– Го создадов кога бев на возраст од 10 или 11 години како моја игра, во која подоцна се вклучи и брат ми и заедно ги создававме многубројните ликови, кои сега се влезени во книгата. Инаку, „Чудновија“ се наоѓа веднаш зад хоризонтот, па уште малку понатаму.

Кој ја создаде „Чудновија“?
– Господинот Тикван Троглавест многу помогна во нејзиното формирање.

Кои ликови живеат таму и какви се тие?
– Во „Чудновија“ живеат сите познати и непознати фантастични суштества што можеме да ги сретнеме во бајките и во митовите од сите култури на светот. Се разбира, има и суштества што лично јас ги измислив, а ако некое дете има некое свое измислено суштество, тоа сигурно живее негде во „Чудновија“. Впрочем, во овие приказни е претставен само мал дел од ликовите што таму постојат.

Има ли животни, дали растенијата се поинакви од оние на планетата Земја? Има ли мориња и океани, китови и делфини, морски свет?
– „Чудновија“ има географија и биологија слична на Земјата, поточно има и земски животни и билки, но и многу свои автохтони видови. Но, за тие да се наведат и да се опишат, би била потребна една цела нова книга.

Дали ликовите денес имаат иста форма како што ги замисливте кога бевте дете?
– Да, целосно. Ги опишував токму онакви какви што се отсекогаш и како карактери и нивната визуелната претстава во илустрациите.

Што ќе најдат децата, а што ќе најдат родителите? Дали „Чудновија“ има моќ да ги врати во минатото, кога тие биле деца?
– Не знам дали ќе ги врати во минатото, но би требало да ги однесе на едно поинакво место, а на нивните деца да им го збогати детството.

Дали „Чудновија“ ќе продолжи да живее во некое друго продолжение?
– Засега не размислувам за тоа бидејќи имам други идеи за реализација, но „Чудновија“ дефинитивно може да продолжи бидејќи тој свет е доволно богат и голем за да даде уште приказни.



912

X