Двегодишните и тригодишните деца знаат да бараат многу и да бидат непопустливи. И ако имате деца на оваа возраст, тогаш знаете дека тие можат да бидат малку чудни. На пример, лижењето на кваката и лаењето како куче се вообичаени примери. Но, таквите однесувања поминуваат.

– Голем дел од чудните однесувања кај малите деца се краткотрајни – вели Хедер Витенберг, детски психолог и автор на неколку книги. Ова се некои од нив.

1. Удирање на главата – Ритмичките, повторувачки движења помагаат да се смири прекумерната стимулација на нервниот систем. Не се работи само за нишање или возење во автомобил што им помага на малите деца – удирањето на главата исто така доаѓа предвид.

– Она што ни изгледа вознемирувачко може да биде многу смирувачко за детето – објаснува д-р Витенберг. Освен ако вашето дете не се повреди со тоа што ќе ја удира главата, игнорирајте го таквото однесување.

– Кога детето ќе ја добие вашата реакција на нешто што го направило, сфаќа дека има нешто што може да направи секогаш кога ќе го сака вашето внимание – додава д-р Витенберг. Размислете за активност за замена ако сакате да го пренасочите однесувањето.

2. Рацете во панталони – Галењето е уште една навика која не се смета за проблем освен ако вашето дете не го прави тоа наместо да си игра со друго дете или да јаде сладолед. Д-р Витенберг ги советува родителите да не му забрануваат на своето дете да се однесува вака, но препорачува неколку насоки. – Објаснете му на детето дека тоа смее да го прави дома, но не надвор и дајте му интересни предмети или играчки кои ќе го забавуваат и ќе му го одвлечат вниманието – вели таа.

3. Чудни желби за храна – Д-р Витенберг објаснува дека децата ја користат устата како алатка за да го истражуваат светот.

– Можеби експериментираат, а можеби тоа е некаква орална потреба – вели докторката. Ако детето има некои чудни избори за храна одвреме-навреме – може да го игнорирате таквото однесување, но ако детето е опседнато, на пример, со јадење нечистотија, кал или нешто слично – разговарајте со педијатар.

4. „Копање“ на носот – За повеќето родители, копањето на носот е одвратно, но ноздрите се интересно место за истражување и така малите деца го сфаќаат тоа. Копањето на носот ги смирува. Д-р Витенберг советува да се обидете да му кажете на детето: – Може да го допираш носот во твојата соба или во бањата со марамче, но не кога си во друштво со други луѓе – никој не сака да го гледа тоа – вели докторката.

5. Имагинарни и кадифени пријатели – Има деца кои толку многу ги сакаат своите кадифени играчки, што ги редат в кревет за да ги подготват за спиење или имаат цело семејство измислени пријатели. Тоа е нормална реакција на сознанието дека светот е збунувачки и тешко разбирлив.

– На децата често им е многу поудобно во нивниот измислен свет – објаснува д-р Витенберг. Кога го прифаќате измислениот свет на вашето дете, ја почитувате неговата креативност. Кога омилената кадифена играчка на детето ќе се изгуби или ќе се скине – тоа може да биде комплицирана ситуација, но и можност да му покажете како да се справи без вообичаената удобност.

6. Генерално бизарни работи – Некои деца инсистираат да носат наметка цел ден или сакаат постојано да бидат голи. Некои деца мислат дека се животни, па може да ве дочекаат со лаење или мјаукање. Лудите фази се нормален дел од детството и разбирањето на детето за своето место во светот. Како и со другите чудни однесувања, сѐ додека тоа не се меша во нормалните активности – сосема се прифатливи. Можеби ќе треба да му објасните на детето дека во некои ситуации не може да продолжи со своето однесување, но обидете се да ги толерирате и прифатите чудните навики на вашето дете. И на крај, дефинитивно овековечете ги со фотографија или видео. Еден ден ќе има прекрасни спомени!

Извор



912

X