Џејкоб обожава книги. Неговата мајка го знае тоа бидејќи секоја вечер кога седнува да му чита, тој возбудено мрда со рачињата
Кога му ја чита омилената книга, Џејкоб скока радосно. Кога мајка му ќе заврши со читање, обично му ја дава книгата во рачињата, а тој веднаш ја става в уста.
Иако Џејкоб има само шест месеци, тој е веќе на пат да стане читател.
Зошто треба да му читате на вашето бебе?
Сигурно се прашувате за придобивките од читањето на вашето бебе. Малото бебе не разбира ништо од она што го читате или зошто му читате. Но не чекате вашето дете да почне да разбира за да почнете да му зборувате, нели? Исто е и со приспивните песни и со играчките.
Читањето приказни на вашето дете е прекрасна активност што треба да ја применувате уште од најмала возраст – тоа е важна форма на стимулација.
– Го учи бебето на комуникација;
– Го запознава со концептите на бројките, буквите, боите и формите на забавен начин;
– Гради способности за слушање, меморија и вокабулар;
– Им дава на бебињата информација за светот околу нив;
Верувале или не, до периодот кога бебињата ќе наполнат една година ќе ги имаат научено сите звуци што им се потребни за зборување на нивниот мајчин јазик. Колку повеќе приказни им читате, на толку повеќе зборови ќе биде изложено вашето дете и ќе има уште подобри вештини за зборување.
Најважната лекција
Слушањето зборови им помага на бебињата да изградат богата мрежа на зборови во нивниот мозок. Децата чии родители често им зборуваат или читаат знаат повеќе зборови до двегодишна возраст од децата на кои не им било читано. А децата на кои родителите им читаат во текот на нивната најрана возраст имаат поголема веројатност да научат да зборуваат кога ќе им дојде време.
Кога им читате, вашите деца ги слушаат различните емоции што ги користите и експресивните звуци, што овозможува социјално и емоционално развивање. Исто така, читањето на бебето му овозможува да гледа, допира и да одговара на прашања – сите овие активности промовираат социјално развивање и вештини за размислување. А вашето дете ги подобрува вештините за јазик имитирајќи звуци, препознавајќи слики и учејќи зборови. Но најважната лекција од читањето е дека создава поврзаност помеѓу работите што вашето бебе ги сака – вашиот глас и блискоста со вас и книгите. Поминувањето време читајќи му на вашето бебе покажува дека читањето е вештина вредна за учење. А ако на децата и на бебињата им се чита со радост, возбудливост и блискост, тие почнуваат да ги поврзуваат книгите со среќа.
Различна возраст, различен стадиум
Иако бебињата не знаат што значат сликите во книгата, тие можат да се фокусираат на нив, особено на лицата и на светлите бои. Кога им читате или пеете приспивна песна, го забавувате вашето бебе.
Помеѓу 4 и 6 месеци вашето бебе може да почне да покажува поголем интерес за книгите. Тоа ќе почне да ги фаќа и држи книгите, но и ќе ги става во устата, џвака и фрла.
Помеѓу 6 и 12 месеци вашето дете ќе почне да сфаќа дека сликите претставуваат предмети и ќе развие наклонетост кон одредени слики, страници, па дури и цели приказни. Ќе одговара додека читате, ќе ја зема книгата и ќе прави звуци, а до 12 месеци ќе почне да ги врти страниците.
Кога и како да им читате
Она што е добро со читањето е дека не ви се потребни посебни вештини или опрема. Читајте наглас неколку минути, но правете го тоа често. Обидете се да им читате секој ден – можеби пред попладневната дремка или пред спиење.
– Гушкањето додека му читате на вашето бебе му помага тоа да се чувствува безбедно, топло и да се поврзе со вас.
– Читајте со многу емоции, менувајте го тонот на гласот и користете различни гласови за различни ликови.
– Не мора да го следите текстот. Можете да измислите нешто.
– Бебињата сакаат и учат од повторување, така што можете да им ги читате истите книги.
– Како што вашето дете станува поголемо, охрабрете го да ја допира книгата, но не и да ја става в уста.
Што да им читате?
Книгите за бебиња треба да имаат едноставен, повторлив текст и јасни слики. Во текот на првите неколку месеци вашето бебе единствено сака да ви го слуша гласот, така што можете да му читате што било.
Кога вашето бебе ќе почне да зема работи во раката, купете му книги во кои има лица, светли бои и форми. Книгите со огледала и различна текстура се исто така одлични за бебињата.
Еден од најдобрите начини да се осигурате дека вашето дете ќе биде читател е да имате книги во вашиот дом. Кога вашето бебе ќе биде доволно старо да ползи и да избере играчка од кошницата, добро би било да има книги во неа.
Извор