Дека на секого неговата мака му е најтешка, знаат само родителите што се борат со грчеви, растење на забите, привикнување на цврста храна или проодување. Убедени дека ништо не е потешко од фазата низ која сега минува нивното дете, не ни знаат што ги чека меѓу вториот и третиот роденден. Повеќето деца на таа возраст почнуваат чудно да се однесуваат, па родителите мора да толкуваат што се крие зад тоа и што треба да направат. Без разлика дали сега поминувате низ оваа фаза или сакате да се подготвите, запознајте се со скриените пораки.

Трупа кадифени играчки во креветчето
Порака: Се плашам

Кога детето ќе наполни две години, кај него почнува да се развива фантазијата и меѓу другото ќе почне да гледа чудовишта под креветот, во плакарот, а ќе се соочи и со ноќни кошмари. За децата да се чувствуваат што е можно посигурно, потребна им е лична војска која во повеќето случаи се состои од кадифени играчки, кои ќе му обезбедат сигурност кога навечер ќе се разбуди од некој ужасен сон.

Вашиот одговор: Колку и да тврдите дека чудовиштата не постојат, за детето и понатаму ќе претставуваат нешто страшно и реално. Подобро да не го убедувате, допуштете му да се опкружи со играчи што ќе ги „истераат“ ужасните натрапници.

Негодува во присуство на непознати луѓе
Порака: Се чувствувам несигурно

Децата се чувствуваат непријатно во друштво на непознати возрасни лица, особено ако се повеќе и ако постојано сакаат да разговараат со нив. Тука не станува збор за срамежливост, што не би било ништо чудно. Нешто друго е во прашање. Сигурно и вие не се чувствувате пријатно кога одите на некои прослави каде што познавате многу малку луѓе. Затоа, не обвинувајте го детето ако се крие зад вас или си ја навлекува блузата преку глава.

Вашиот одговор: Дајте му време на вашето дете да се опушти и да се навикне на лицата што го опкружуваат. Со сите разговарајте на пријателски начин за да види дека се наоѓа во безбедна средина.

Се крие зад мебелот или завесата кога врши нужда во пелената
Порака: Сакам приватност

Додека детето се одвикнува од пелени, нокширот обично се „шета“ низ целата куќа за да му биде секогаш на располагање, но во еден момент ќе сфати дека возрасните ги извршуваат физиолошките потреби зад затворени врати. Тоа ќе биде доволно вршењето нужда да го доживее како чин кој бара приватност, па ќе почне да се крие зад мебелот за да ја наполни пелената.

Вашиот одговор: Секогаш кога детето се повлекува зад мебелот или завесата, понудете му да го направи тоа во бањата, во нокшир или на детскиот адаптер за шолја. Важно е да не го карате и да бидете стрпливи.

Фрла храна, ги удира сите околу себе, ги крши играчките
Порака: Нешто го мачи

Мирното, добро, послушно дете понекогаш може преку ноќ да се претвори во насилник кој за секоја мала работа ќе почне да плаче, да се лути, да фрла играчки и да удира. Ова обично се случува поради неможноста да ги искаже своите желби и потреби затоа што е уморно, ненаспано или поминало премногу време гледајќи цртани филмови за вие да можете да завршите некоја работа.

Вашиот одговор: Обидете се да дознаете што се случува, но тоа не значи дека треба да го толерирате лошото однесување. Потрудете се детето да биде најадено и одморено, ќе се намали ризикот за чувство на гнев. Ако дивее затоа што му е досадно, однесете го на прошетка.
И знаете што… За некоја година, кога ќе се појават нови предизвици, ќе жалите за оваа фаза.



912

X