Првите чекори се важен дел од развојот на детето, а адекватните чевлички помагаат почетокот на проодувањето да биде што поприроден и поудобен за малечките. Но, многу родители не се сигурни какви чевлички да купат за детето кое почнува самостојно да стои на нозете.
– Сопругот и јас имаме дилема околу една многу важна одлука за нашето прилично живо бебенце. Тоа има десет месеци и последните два постојано се издигнува на нозе, а лази „на сите четири“. Прашањето што ме мачи е дали да одбереме анатомски или рамни чевлички- прашува младата мајка Анита Сопиќ Сураќ од Задар, објаснувајќи дека инстинктот ѝ кажува дека теоријата за рамни чевлички до три години сепак има смисла.
– Нам не ни е целта бебето да прооди што порано, туку кога нашиот принц сам ќе одлучи – вели таа, додавајќи дека консултирале повеќе стручни лица и дека сите имале различно мислење.
Анатомски или рамни чевлички?
Анита вели дека истражувала на интернет, но ги прашувала и своите пријателки и познајнички за нивните искуства и одлуки: „Морам да признам дека речиси сите се одлучиле за анатомски чевлички, иако помладите мајки, кои добиле деца во текот на последниве две-три години, ми признаваа дека сепак на крајот одлучиле во корист на анатомските“.
Сепак, Анита се приклонува кон теоријата дека најдобро е децата да одат боси и фактот дека денес на Запад се почести таквите препораки, ја води до одлука во корист на рамни чевлички.
– Се разбира, со задоволство ќе ја променам својата одлука ако некој ме увери во спротивното – вели таа.
Првите чевлички се купуваат откако детето ќе прооди
– Во текот на проодувањето најдобро е детето да биде обуено во меки папучи или чорапчиња со подметки – советува угледниот загрепски ортопед д-р Саша Тифенбах, кој објаснува дека првите чевлички треба да се купат откако детето самостојно, стабилно ќе прооди.
– Пожелно е првите чевлички да бидат високи, над глуждот со цврста петица. Не се потребни никакви влошки (сите американски модели и патики се целосно рамни). Во текот на првите години сите деца имаат неразвиени сводови на стапалата. Тие се формираат со развојот и јакнењето на малите мускули и тетиви на стапалата. Ако пасивно ги подигаме сводовите на стапалата, ги разлабавуваме и со тоа ги слабееме малите мускули на стапалата – истакна ортопедот, додавајќи дека спуштени стапала практично не постојат како дијагноза до четвртата година од животот, освен кај некои потешки патолошки состојби.