Здравје

Четиригодишен суперхерој: Ве спасив момци, време е да одиме дома

Кога дошол во болница за да му земат коскена срж, мајка му му рекла дека ќе биде суперхерој од реалниот живот, а тој е голем обожавател на суперхероите од филмовите

Четиригодишниот Мајкл Демаси од Филаделфија со право може да се нарече суперхерој. Тој донираше коскена срж и ги спаси своите четиримесечни братчиња близначиња, кои се родени со ретко нарушување на работата на имунолошкиот систем.

На близнаците Сантино и Џовани им била потребна трансплантација на коскена срж, а кога родителите му кажале на Мајкл дека неговиот примерок се совпаѓа, тој без размислување рекол дека сака да ги спаси новородените братчиња и дека ќе им помогне.

Мајката на Мајкл, Робин, истакна дека нејзиниот син знаел што ќе се случи во болницата, дека ќе му постават долга игла во коската кај колкот за да извлечат коскена срж, чии клетки потоа ќе се пренесат кај неговите братчиња. Тој се согласил без проблем.
– Подоцна тој ден, кога неговите братчиња ја примија трансплантираната срж, Мајкл ги набљудуваше, трчаше наоколу и викаше: „Ова е моја коскена срж“ – раскажува неговата мајка.
По речиси два месеца од зафатот биле пуштени на домашно лекување. Нивната мајка постави една снимка на „Фејсбук“ на која може да се види како Мајкл носи маица на суперхерој и стои покрај своите мали братчиња.
– Ве спасив момци. Време е да си одиме дома – рекол Мајкл.

Сантино и Џовани се родени во октомври со хронична грануломатозна болест (ГЦД), поради која имунолошкиот систем не работи како што треба, па и најмалата настинка може да им го загрози животот. Нивниот постар брат Доминик, кој има девет години, исто така е роден со ГЦД и родителите знаеле дека постои можност близнаците да се родат со оваа состојба. Доминик по неколку недели од раѓањето бил ставен на листата за трансплантација и добил матични клетки. Тој сега се смета за излечен. Само Мајкл не е роден со оваа болест.

Кога на 8 март годинава дошол во болница за да му земат коскена срж, мајка му му рекла дека ќе биде суперхерој од реалниот живот, а тој е голем обожавател на суперхероите од филмовите.
На прашање од новинарите што направил за своите братчиња, тој одговорил: „Ги спасив бидејќи сум суперхерој“.

Мајкл додал дека се чувствува убаво поради тоа и дека е среќен што близнаците конечно си дошле дома.

 

Поврзани написи

To top