Управувањето со лошото однесување на децата може да биде предизвик, но со правилни стратегии и пристапи, родителите можат многу да си го олеснат процесот. Покрај тоа, разбирањето на причините поради кои доаѓа до лошо однесување е многу важен чекор во управувањето, вели психологот, мајка и едукатор за родители Џејми Блох. Затоа, таа истакнува четири ефективни методи кои можат да помогнат кон насочување на однесувањето на децата во позитивна насока:
Практикувајте „родителска пауза“
-Одвојте момент, застанете и длабоко вдишете пред да им пријдете на децата. Оваа пауза ви дава простор да реагирате смислено наместо импулсивно. Кога реагираме импулсивно, често ги зголемуваме детските емоции – вели таа.
Гледајте на лошото однесување како на крик за помош
-Однесувањето често одразува подлабоки потреби и емоции. Кога ги гледаме децата како ранливи суштества кои чувствуваат болка, на кои им е потребна поддршка, тоа ни помага да го промениме нашиот начин на размислување и нашиот пристап – вели Блох.
Запомнете дека вниманието го зајакнува однесувањето (позитивно или негативно)
-Ова не значи дека треба да ги игнорирате децата. Наместо тоа, запомнете што сакате да зајакнете: на пример, кога обрнуваме внимание на негативното однесување преку викање, лутина и фрустрација, тоа дополнително го зајакнува лошото однесување. Секогаш приоѓајте им на децата на неутрален и љубопитен начин, секаде и секогаш кога е можно – советува психологот.
Создајте „емоционални вентили“ во текот на денот
-Можеме да го спречиме бесот со тоа што ќе им оставиме време во текот на денот на децата за да ги процесираат стресот и емоциите. Обидете се да свирите музика, да ги извадите сите уметнички и креативни материјали, да танцувате, да пеете, да скокате и преправајте се дека го исфрлате гневот преку овие активности. За да дојде до промена, мора да се чувствуваме сакани. Љубовта ни помага да се соочиме со длабоки, тешки и непријатни емоции и мисли – заклучува психологот.
912