Воспитување

Четири совети за успешна школска година

Сè уште сме на почетокот од новата школска година. Во првите одделенија кај децата сè уште постојат позитивни ставови кон училиштето. Меѓутоа, како што растат децата, а нивното искуство е поголемо, и отпорот кон училиштето станува сè поизразен.
Затоа, сакаме да ве потсетиме на следново:

1. Поддржете го вашето учениче

Помислете како тоа се чувствува. Училиштето е стрес. Избегнувајте реченици кои ја затвораат можноста за комуникација меѓу вас, како што се: „Лесно ти е тебе“, „На твои години јас…“, „Твое е само да учиш…“, бидејќи и вашето дете има свои проблеми, дури и кога вие не сте свесни за тоа. Кога тоа ќе ви каже: „Не го сакам училиштето“, искажува подготвеност да ви се довери. Сослушајте го, покажете разбирање, прифатете ги неговите чувства бидејќи најчесто тоа е единственото нешто што го бара од вас.

2. Помогнете му на детето во учењето

Не инсистирајте да учи напамет, иако некогаш да ви се чини дека токму тоа го бараат наставниците. Учењето напамет (буквалното репродуцирање на текстот) е оправдано само при учење стихови, формули, дефиниции и фрази на странски јазик. Вашето дете еднаш ќе го заврши училиштето, но ако притоа не научи да размислува, нема да има никаква особена корист од тоа.

Правила за успешно учење: помагање (да побара помош кога нешто не му е јасно), услови за учење (без постојано прекинување, добро осветлување, задоволени физиолошки потреби…), план за работа (со сите предвидени паузи), време за учење (за најтешкиот материјал да се избере време кога концентрацијата е највисока), поделба на лекциите (читање од наслов до наслов), повторување (секогаш кога е можно – наглас), подвлекување (овозможува да се одвојат важните од неважните податоци). Исто така, формирајте ги работните навики навреме. Немојте да учите заедно или наместо него бидејќи учењето е негова обврска, а не ваша. Ваше е да се интересирате за неговите проблеми и да сочувствувате, да го преслушувате и да инсистирате да ги разбере содржините.

3. Детето не е само ученик

Школскиот успех е само еден аспект од личноста на вашето дете. Затоа, не кинете му ги листовите од тетратката, не условувајте го за успехот со подароци, не споредувајте го вашето дете со другите деца.

4. Крајната цел нека биде: среќно дете!

Конечно, да ве потсетиме дека во 2003 година во Финска било спроведено истражување на 20.000 родители чии деца биле на различни возрасти и учеле во различни училишта. Родителите одговарале на прашањето: Што очекувате од образованието на вашето дете? Деведесет и пет проценти од родителите одговориле: детето да биде среќно.
Инаку, квалитетот на финскиот образовен систем се смета за најдобар во Европа. Сигурно за тоа придонел и ставот на родителите дека од училиштето очекуваат да ги усреќи нивните деца.
Што мислите, колкав број родители би го дале истиот одговор на истото прашање ако ова тестирање беше извршено кај нас? Како вие би одговориле на ова прашање? Размислете за ова пред заедно со вашето дете да тргнете во уште една школска победа.
Ви посакуваме многу успех, трпение и радост!
Автор: педагог Елена Холцер

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top