Во текот на својот прв брак верував во лагата дека ако некогаш станам самохрана мајка, тоа негативно ќе влијае врз моите деца или дека ќе ми биде толку тешко, што нема да можам да се справам со тоа. Од таа причина ги простив работите што повеќето луѓе никогаш не би ни сонувале дека ќе ги простат. Но, потоа, еден ден, кога нашата најмлада ќерка имаше само 6 месеци, дознав дека мојот тогашен сопруг имал (уште една) афера и нешто во мене се скрши. Го исфрлив од домот и никогаш веќе не му се вратив.
Неколку месеци и неколку илјади долари подоцна, сфатив дека парите всушност може да ја купат среќата – кога со добар адвокат за разводи ќе ги потрошите на вашата слобода. Иако јас и моите деца навистина процветавме кога излеговме од тоа отровно опкружување, морам да признаам дека самохраното мајчинство беше еднакво тешко како што и се плашев дека ќе биде. Сепак, бев една од среќниците. Имав неверојатна заедница на луѓе кои се грижеа за мене и за моите деца. Пријателите и семејството нудеа сè, од чување деца и топли оброци до рамена за плачење и места за престој ако некогаш ни затреба. И иако тие дела на љубов и добрина секогаш ќе ми значат многу повеќе отколку што можам тоа со зборови да го опишам, тие не беа едни од оние работи што ми го олеснаа животот. Најважната и најточната поддршка што ја добив беше она што ми беше најпотребно – ова се четирите нешта кои го олеснија мојот и животот на моите деца.
Секогаш позитивно зборувајте за другите семејства со своите деца
Додека со своите деца разговарате за други семејства, имајте на ум дека начинот на кој им ги презентирате на децата самохраните мајки/татковци, разведени родители итн. многу влијае врз начинот на кој вашите деца ќе го интерпретираат тоа понатаму на училиште, во градинка или во парк. Мораме да бидеме свесни дека врсниците имаат големо влијание врз емоционалниот развој на другарите. Разговорите што ги водите дома ќе му помогнат на детето да се формира во личност која е љубезна и пријатна, па така би можела да го промени светот.
Користете инклузивен јазик
Сите некогаш сме ги изговориле речениците како „Каде ти се родителите?“ или „Мораш да ги прашаш мајка ти и татко ти“. Иако овие реченици се чинат како искажување одговорност и како безопасни фрази, имаат големо влијание врз децата. Обидете се зборот „родители“ да го замените со „некој постар“ или „возрасен“. Со користењето инклузивен јазик избегнувате незгодна ситуација.
Не создавајте претпоставки за вклученоста на другиот родител
Постои еден популарен мит, а тоа е дека родителите остануваат во добри односи дури и по разводот или разделувањето, па можат подобро да се посветат на детето, но, за жал, во реалноста тоа не е баш така. Таквите односи многу често се комплицирани и се многу тешки. Затоа не би требало да создаваме претпоставки – ниту позитивни ниту негативни. На пример, во одделението од вашето дете едно момче освоило награда за најдобар ученик. Вие, како и обично, на доделувањето го гледате само таткото. Ако му кажете на тоа дете: „Верувам дека мама и тато се многу горди на тебе“, тоа може да се чини како убав гест, но земете предвид дека детето можеби многу ретко ја гледа својата мајка и не знае која е вистинската причина за тоа.
Понудете мал знак на охрабрување и поддршка
Една од најтешките ставки во самостојното родителство е одржувањето на сите улоги. Самохраните родители често заземаат улога на мајка и татко истовремено и се обидуваат да ја надоместат празнината. Тоа бара многу енергија, труд и волја. Да се сетиме колку е пријатно и убаво да се слушнат охрабрувачки зборови, па да се обидеме да го потврдиме туѓиот труд со речениците: „Ги учиш своите деца на толку важни лекции“ или „Забележувам колку енергија вложуваш во своите деца“.

Работи што никогаш не треба да му ги кажете на самохран родител:
„Немам поим како постигнуваш сè“, „Толку си среќен/среќна што имаш пауза од своите деца“, „Не грижи се – ќе најдеш некој што ќе ти помогне со децата“, „Се прашувам дали размислувате да се смирите со таткото на вашите деца?“, „Мојот сопруг патува многу поради работата, па и јас сум како самохрана мајка“, „На децата навистина им требаат двајцата родители“.
Работи што треба да му ги кажете на самохран родител:
„Забележувам колку напорно работиш за своите деца. Ако не виделе досега, подоцна ќе согледаат колку си силна“, „Ми се допаѓа начинот на кој твоите деца ти се смеат“, „Правиш одлична работа“, „Ги учиш твоите деца на толку важни лекции“, „Навистина ме инспирира кога гледам колку си ги сакаш децата“.
Ако познавате самохран родител, бидете трпеливи со него и знајте дека тој работи многу напорно за да ја држи главата над вода. Ако гледате дека се бори, веројатно му е потребна дополнителна поддршка. Нудењето физичка помош е љубезно и добредојдено, но барем имајте ги на ум овие работи за да можете да ги поддржите и самохраните родители и нивните деца и емоционално.
Автор: Никол Јонг