Дали ги одредивте вашите плодни денови и дали внимавате на позициите за кои велат дека се најдобри за забременување? И покрај тоа што имате секс секој ден, никако да дочекате позитивен резултат на тестот за бременост? Ако се обидувате да забремените, проблемот може да е во овие причини.

1. Недоволно или премногу секс

Паровите често имаат чувство дека мораат да „штедат“ сперма, па затоа се впуштаат во сексуални односи само во плодните денови.

– Кога сексот е ограничен на деновите на овулација, можно е да се пропушти плоден период бидејќи многу жени всушност не знаат кога овулираат – вели д-р Семјуел Вуд, директор на Калифорнискиот центар за репродуктивна наука.

Според некои совети, сексуалните односи се препорачуваат секој ден, дури и неколку пати на ден, додека некои тврдат дека е подобро да се води љубов секој втор ден.

– Доколку двојката сака активно да работи на бременоста, препорачливо е да има односи еднаш или двапати на секои два дена, значи секој ден или барем секој втор ден. Сепак, не се препорачува сексуален однос повеќе од еднаш дневно бидејќи се намалува концентрацијата на квалитетна сперма – вели д-р Вуд.

Многу парови мислат дека повеќе секс значи дека ќе забременат побрзо, но тоа може да доведе до други проблеми.

– Ако целта на сексот е зачнување, тогаш сексот повеќе пати на ден или секој ден може да предизвика заситеност, а паровите можат да почнат да гледаат на сексот како на задача што треба да ја завршат – објаснува д-р Вуд. Едниот партнер може да изгуби интерес и на тој начин може да се пропушти шанса.

2. Не знаете кога овулирате

– Многу жени откриваат дека овулираат на 14-тиот ден по првиот ден од менструацијата, но должината на циклусот може да варира и овулацијата не се случува во исто време секој месец – вели д-р Машел Зајбел, професор по гинекологија и акушерство на Универзитетот во Масачусетс.

– Дури 70 отсто од жените не можат точно да го предвидат денот на овулацијата бидејќи немаат целосно редовни циклуси, па затоа може да се препорача да се одреди овулацијата со мерење на базалната температура или, посигурно, со тест на урината – советува гинекологот Петра Подобник Брлечиќ.

Некои жени ја препознаваат овулацијата по физички симптоми.

– Ако го познавате вашето тело, неколку дена пред овулацијата ќе забележите чист вагинален исцедок кој наликува на белка од јајце. Но, некои жени не го препознаваат и мислат дека обичниот исцедок е знак за овулација – вели гинекологот Ивон Бон.

Спермата во телото на жената може да преживее и до четири дена по сексот, а за да ги зголемите шансите за зачнување, експертите препорачуваат да имате секс три до четири дена пред очекуваната овулација.

3. Сексот е секогаш во иста поза

Веројатно сте слушнале дека некои сексуални пози се подобри од другите за зачнување, а гинекологот Ерден Радончиќ објаснува дека транспортот на спермата низ грлото на матката и до јајцеводите е во голема мера активен преку контракции на матката и „вшмукување“, кои се веќе на влезот на јајцеводите за 90 секунди, така што ниту една поза во сексот не игра поголема улога кога станува збор за зачнувањето.

4. Претпоставувате дека проблемот е во жената

Повеќето луѓе претпоставуваат дека физичкиот проблем е кај жената, а на мажите им е потешко да прифатат дека нешто не е во ред со нив.

– Паровите од самиот почеток треба да имаат на ум дека проблемот може да биде во жената, мажот или и кај двајцата или пак необјаснета неплодност. Околу половина од случаите на неплодност се поврзани со жената, 40 отсто со мажот, додека останатите 10 отсто се однесуваат или на двете или на ниту едно – вели д-р Серена Чен од медицинскиот центар „Свети Барнабас“ во Пенсилванија, додавајќи дека секогаш е најдобро да се проверат и двајцата партнери. И двајцата треба да се грижат за своето општо здравје, телесната тежина, да избегнуваат стрес и да ги елиминираат лошите навики како што се пушењето и одредени лекови.

Колку време ви е потребно за да забремените?

Ако не дојде до зачнување по два или три месеци, многу парови се фрустрирани, но тоа не значи дека треба да брзаат да посетат специјалист. Гинекологот Марта Лајтман Крижаиќ вели дека е нормално на здравите помлади парови да им требаат една до две години за да ја постигнат посакуваната бременост, но паровите постари од 35 години треба да побараат помош доколку зачнувањето не дојде за повеќе од шест месеци.

Извор



912

X