Анксиозност, несигурност, одвлекување на вниманието – сето ова може да го натера детето да дојде во вашиот кревет. За среќа, можете да го спречите тоа и да создадете здрави навики за спиење. Еве неколку начини како да го охрабрите своето дете да спие самостојно.
Отстранете ги работите што му го одвлекуваат вниманието
Извадете ги телевизорот, компјутерот и другите електронски уреди за да се создаде средина погодна за спиење. „Стимулацијата поврзана со гледање телевизија или играње видеоигри и светлото од компјутерскиот или ТВ-уредот им отежнуваат на децата да заспијат“, вели советничката за родители Џудит Овенс, авторка на книгата „Преземете ја контролата врз спиењето на детето“. „Придушено светло, како ноќна светилка, всушност е сето она што на децата им треба во собата, а да произведува светлина“.
Воспоставите рутина за времето на спиење
Избањајте го детето со топла вода, самото нека ги облече пижамите, нека ги измие запчињата, нека легне во својот кревет, па може да му раскажете приказна. Оваа рутина им помага на децата да се чувствуваат сигурно кога одат во кревет. Така децата се подготвуваат психолошки и им се намалува ноќната анксиозност, вели Овенс. „Се намалува нивото на стрес и се создаваат низа чекори кои детето ги предвидува и за кои знае дека ќе доведат до спиење“.
Намалете ја својата присутност во собата
Напуштете ја собата пред детето да заспие за да „не зависи од родителската присутност“, вели Овенс. Но, ако останете во неговата соба, немојте да лежите во неговиот кревет и не комуницирајте со него. Секоја вечер оддалечувајте се по малку од неговиот кревет додека да заспие, за целосно да се намали неговата зависност од вас.
Работете на чувството на сигурност
Твоето отсуство или помислата на чудовиште под креветот може да го исплаши детето пред спиење. Затоа, олеснете го преминот од сон во будење – и смирете ги неговите стравови – со утешителни предмети како играчки, полнети животни или омилената прекривка. „Во собата нека има уште една присутност која го уверува детето дека е на безбедно“, вели Овенс.
Чекор по чекор – полека
Многу родители сакаат да ги однесат децата во кревет и да им речат дека ќе се вратат за кратко за да ги проверат. Одржете го вашето ветување, но чекајте неколку временски интервали. Идеално би било ако детето заспие за време на тие интервали. Д-р Џудит Овенс сугерира да започнете со интервал од 5 до 10 минути. Ако се вратите за помалку од 5 минути, детето ќе биде будно. Но, ако чекате долго, детето може да стане анксиозно и нетрпеливо, па тоа дополнително ќе ја влоши ситуацијата, вели Овенс.
Бидете доследни
Ако вашето дете во текот на ноќта дојде во вашиот кревет, испратете го до неговата соба без поголеми интеракции, вели Овенс. Едноставно кажете: „Мораш да останеш во кревет“. Важно е да имате цврст став и да бидете доследни. „Ако не го правиш тоа секојпат, тоа го учи твоето дете да биде поупорно во тоа што го сака – враќање во твојот кревет“, вели Овенс.
Наградете го доброто однесување
Кога сè оди според планот и вашето дете прифаќа самостојно да спие, наградете го со убави зборови, прегратка или убав гест. Пуштете го следното утро да ги избере своите омилени житарици за појадок или да го избере она што ќе го јаде за ручек. „Ова им помага да го поврзат доброто однесување со награда, која не мора и не смее секогаш да биде материјална“, заклучува Овенс.