Часови по балет, странски јазик, гимнастика, фудбал, јавање, клавир, тенис… Родителите понекогаш навистина ги преоптоваруваат децата со воннаставни активности со намера да им дадат можност да го најдат она во што се најдобри, да им обезбедат што подобро и пошироко образование, а притоа забораваат дека детето сепак треба да биде само дете.
Дали воопшто постои вистинска мерка?

Дополнителните активности треба да им бидат забава

Една до две дополнителни активности се оптимални, сè што е над тоа може да биде преголем предизвик. Ако детето стане нервозно, деконцентрирано, раздразливо и уморно, или ако почне да попушта во успехот на училиште, треба да се запрашате дали е преоптоварено. Во такви ситуации треба да го поштедите од некои од дополнителните активности, макар извесен период.
Децата не треба да ги доживуваат дополнителните активности како обврска и оптоварување, а тоа се случува кога не избираат самите што ќе тренираат или на кои курсеви или часови ќе се запишат. Секоја дополнителна активност треба да им биде забавна, поттикнувачка, да ги мотивира, да им создава работни навики и да им гради самодоверба, па би требало да им дозволите, со мало насочување, самите да изберат.

Дополнителната активност на детето не треба да му предизвикува стрес и нервоза, да му биде оптоварувачка обврска, туку нешто што ќе го расположува. Освен времето на училиште, времето за учење и воншколски активности, на детето сепак треба да му остане и дел од денот кога ќе може да си игра, да одмара или да се досадува.

Вашите неостварени желби не се негови

Кога ќе почнете да ги избирате воннаставните активности, прашајте го детето што навистина го интересира, што би сакало да прави, па направете список со сите идеи и предлози без оглед колку се нереални или неизводливи. Потоа заедно елиминирајте една по една, додека не стигнете до активноста што му предизвикува најголема возбуда. Прашајте го што му оди најдобро, а што помалку добро, па насочете го кон активностите за кои има дарба и во кои може да се развива и да напредува. Објаснете му дека нема да се чувствува добро на фудбалскиот терен, каде што тргнало по избор на своите другарчиња, ако нема талент за тоа. Како што не треба да го охрабрувате да се занимава со спорт и уметност за кои нема талент и наклоност, така не треба да ги проектирате вашите неостварени желби врз него.
Не дозволувајте дополнителните часови премногу да го оптоварат вашиот семеен живот, кој не треба да се сведува на развозување, носење и земање на децата од часовите, на пребукирани денови и седмици. Времето поминато во семејни дружења, игри и прошетки, или заедничкото гледање филмови е подрагоцено од што било друго.

 



912

X