„Морав да ги променам гумите на автомобилчето на Колтон. Поточно, пластичните гуми од пластичната играчка.
Колтон ме испрати да купам гуми во продавница. Во продавницата, на измислениот продавач му дадов две пластични парички и добив две гуми. Автомобилот имаше проблем со моторот, па му реков на Колтон да ја крене хаубата, што всушност беше неговата кацига.
Во меѓувреме, Дилон ми даде безброј имагинарни чаши пиво, а Аубреј и нејзината пријателка ме запознаа со две кукли на кои им беше потребен лек. Ми дадоа очила за сонце и капа, а Рајдер постојано ми даваше мали пластични чинии со храна“.
Ова е светот на 4-годишните дечиња од градинката „Пи4Џеј“ во училишниот округ Џејнсвил во државата Висконсин. Ова е една од ретките области во кои е забележан пораст на запишувањето на децата во градинка.
Децата од оваа градинка посетуваат полудневен престој. За некои, ова е дел од нивната дневна рутина, но за други, тоа е првпат да бидат вклучени во образовна или дневна нега. Со други зборови, не станува збор само за забава и игри, туку за учење преку игра.
– Сакаме да ги подготвиме децата. Ги учиме на социјално-емоционални вештини, рана писменост и математика – вели Ангела Линч, координатор во градинката.
Децата учат за самоконтрола, вклучувајќи го и тоа како да бидат трпеливи и како да изразуваат разочарување или лутина преку зборови. Тие учат дека не секогаш ќе го добијат тоа што го сакаат. Раните активности за писменост вклучуваат препознавање на големи и мали букви, основни вештини за пишување на буквите, а раните математички вештини вклучуваат броење и препознавање на бои и форми.
– Не очекуваме децата да ги усовршат овие вештини. Она што сакаме да го видиме е развој. Сакаме да видиме напредок. Навистина прави разлика – додава Ангела.
Вклучувањето на родителите е клучен дел од програмата. Нивната вклученост и ангажман го зголемуваат успехот на децата на училиште. Колку повеќе родителите се вклучени, толку повеќе учениците присуствуваат.
За децата, поврзувањето почнува на тепихот пред нивните наставници или на масата со нивните соученици. Броењето пари за измислени гуми, позајмување на пластичниот чекан и делење чинии со пластична храна со ново другарче – и тоа е учење.