Законите мора да се променат за да се обезбеди сигурност дека удирањето дете нема да се смета за прифатливо под никакви околности, велат од Кралскиот колеџ за педијатрија и детско здравје.

Во март 2022 година Велс забранил секаков вид физичко казнување врз децата, вклучително и шлаканици, удирање и тресење, додека Шкотска вовела слична забрана уште во ноември 2020 година. Од друга страна, законите во Англија и Северна Ирска имаат т.н. сиви зони, што значи дека во некои случаи физичкото казнување на децата може да се смета за прифатливо. Од Кралскиот колеџ бараат ова да се промени.

-Децата кои доживуваат физичко казнување имаат речиси три пати поголеми шанси да развијат полошо ментално здравје и повеќе од двапати поголеми шанси да доживеат сериозен физички напад и злоупотреба. Телесното казнување, исто така, ја зголемува веројатноста за проблеми во однесувањето во детството, полоши односи со родителите и семејството и појава на агресија подоцна во животот – објаснуваат педијатрите.

На меѓународно ниво, 65 земји вовеле целосна забрана за физичко казнување на децата, а уште 27 се обврзале да ги реформираат своите закони за да постигнат целосна законска забрана.

Двајца од тројца возрасни веруваат дека физичкото казнување на децата е неприфатливо

-Законите за физичко казнување во Англија и Северна Ирска се неправедни и опасно нејасни. Тие создаваат сива зона каде што некои форми на физичко казнување може да бидат легални, но всушност не се – истакнал професорот Ендрју Роуланд, педијатар и службеник за заштита на децата во Кралскиот колеџ за педијатрија и детско здравје.

Роуланд вели дека педијатарот кој работи во службите за заштита на децата редовно наидува на ситуации кога е употребено физичко казнување врз дете.

-Поради нејасната природа на законот, многу е тешко да се разговара со семејствата за тоа какви се правилата во однос на физичкото казнување на децата, што го отежнува разговорот за најдобрите интереси на децата – додал тој.

Професорот Роуланд вели дека ставовите на општеството за казнувањето се промениле со текот на времето и двајца од тројца возрасни сега се согласуваат дека физичкото казнување на децата е неприфатливо.

Телесното казнување на децата е забрането со закон и во Македонија. Според Законот за заштита на деца, се забрануваат сите облици на психичко или физичко насилство и малтретирање, казнување или друго нечовечко постапување.

Извор



912

X