Жените што вежбаат во текот на бременоста не само што си помагаат себеси, туку му помагаат и на своето бебе, покажува ново истражување.

Новороденчињата чии мајки вежбале во текот на бременоста може да имаат подобрено здравје на срцето и да се развиваат побрзо од другите бебиња, тврдат истражувачите од Универзитетот „Источна Каролина“.

Истражувачите ги споредиле резултатите на едномесечни бебиња од група од 70 бремени жени, кои биле случајно распоредени да вежбаат или да не вежбаат во текот на бременоста. Жените што вежбале го правеле тоа 50 минути со умерен интензитет, трипати неделно.

Истражувачите откриле дека вежбањето во текот на бременоста резултирало со бебиња кои имале поголема способност за движење, а и поголема веројатност да бидат активни како што растат.

– Бидејќи физичката активност е изменлив фактор на ризик за детска дебелина, овие откритија сугерираат дека вежбањето во текот на бременоста може потенцијално да го намали ризикот од дебелина кај децата – велат истражувачите.

Веќе е познато дека вежбањето во бременоста носи придобивки за мајките, како што е намалување на стресот, помал ризик од гестациски дијабетес, помала веројатност за царски рез и слично.

Вежбањето пред породувањето исто така може да помогне. Истражувањето покажало дека жените што вежбаат трипати неделно во текот на бременоста имаат помалку болки при породувањето.

– Секогаш велам дека бременоста, болките пред породувањето и самиот чин на породување се атлетски настани. Треба да тренираме за нив – вели д-р Џенифер Аштон.

Ова се пет прашања што бремените жени најчесто ги поставуваат во врска со вежбањето во текот на бременоста.

1. Колку често треба да вежбаат бремените жени?

Американскиот колеџ за акушерство и гинекологија (АКОГ) препорачува бремените жени да вежбаат најмалку 150 минути аеробна активност со умерен интензитет секоја недела.

2. Кои видови вежби се добри за бремените жени?

АКОГ им препорачува на жените да останат активни преку пешачење, пливање и активност во вода, возење орбитрек и модифицирана јога и пилатес во текот на бременоста.

Жените што и претходно трчале, можат да продолжат да трчаат во текот на бременоста, но прво треба да се консултираат со нивниот лекар.

3. Дали постојат специфични вежби што треба да се избегнуваат?

– Не практикувајте спортови или специфични вежби што би можеле да му наштетат на фетусот или вам – советува д-р Ештон, која наведува активности како скокање во вода, нуркање и скијање.

АКОГ препорачува да не практикувате спортови во кои можете да бидете удрени во стомакот, како фудбал и кошарка, и „жешка јога“ или „жежок пилатес“.

4. Дали има причини поради кои не можете да вежбате во текот на бременоста?

Секоја жена треба да се консултира со својот лекар за видовите и количината на вежби што треба да ги прави во текот на бременоста.

Жените што се изложени на голем ризик од предвремено породување или имаат тешка анемија, висок крвен притисок предизвикан од бременоста, заседната постелка по 26. недела од бременоста, цервикална инсуфициенција и одредени видови срцеви и белодробни заболувања, не треба да вежбаат додека се бремени.

5. Дали постојат мерки на претпазливост што бремените жени треба да ги преземат при вежбањето?

Бремените жени треба да избегнуваат да стојат мирно или да лежат на рамно на грб во текот на вежбањето. АКОГ препорачува и пиење многу вода пред, за време и по тренингот за да останете хидрирани, како и носење лесна облека. Исто така, се препорачува да не вежбате кога е многу топло.



912

X