Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мајка сум на 20-месечно синче и за неколку дена влегувам во деветти месец од втората бременост, која има огромно влијание врз мене и мојата самоконтрола, нервоза и агресија.
Син ми во последно време стана чуден, кога велам чуден, мислам на многу плачлив, нервозен до тој степен што знае да крене рака на мене. Темпераментен е и за негова возраст доста е напреден, разбира сѐ што му се зборува, но го слуша тоа што му одговара. Кога и да кажам нешто, следува драма, фрлање на земја, плачење и некогаш завршува со повраќање. Јас навистина се трудам да му објаснам мирно и со убаво, но едноставно не ме слуша, ме прави да го карам, па некогаш дури и да го истепам (тепање мислам да го удрам неколку пати по памперс за да сфати дека не е во ред тоа што го први) бидејќи сум повеќе време со него отколку татко му, поради работа, и навистина немам нерви. Плус, многу сум осамена, освен маж, ми син ми и мајка ми, немам никого во животот, по цел ден сум сама и тоа многу ми влијае врз психата. Речиси секој ден плачам, преморена сум, навечер не можам да спијам, сѐ ме боли, а кога ќе заспијам, тогаш се буди син ми и бара да го нишам бидејќи уште не заспива сам… Некогаш кога ќе го искарам или удрам, потоа се задушувам плачејќи и обвинувајќи се дека сум лоша мајка, но колку и да се трудам да не го карам, тој ме принудува… Не знам како да си помогнам, но очајно ми треба таа помош да бидам подобра мајка за моите деца бидејќи тие ми се целиот свет и не сакам да мислат дека мајка им не ги сака и само ги кара. Сакам да знаат дека сѐ би направила за нив.

ОДГОВОР: Драга мајка, сосема ја разбирам вашата состојба и можам да кажам дека вашите батерии се практично истрошени. Се наоѓате во деветтиот месец од бременоста, кој е исклучително физички тежок и напорен. Самата неудобност на телото ги намалува вашите капацитети да се справите со вашето двегодишно дете, кое е исто така многу активно, но и зависно од вас. Физичката исцрпеност придонесува за психолошка исцрпеност и широк спектар на чувства од страв и тага до вина и грижа на совест, кои доведуваат до ниска самоконтрола. Барате премногу од себе, а не мислите на себе. Обидете се да се разберете себеси, постојат силни причини зошто се чувствувате вака и секој што би бил на ваше место многу е веројатно дека исто би се чувствувал.

Вие не сте сами. Го имате вашиот сопруг, мајка ви и вашето дете. Осаменоста доаѓа однатре кога ќе престанеме да бидеме во квалитетен однос со себе, кога ќе престанеме да се себеразбираме, себеприфаќаме и себегрижиме. Осаменоста е одраз на недостиг на креативност и целовитост во живеењето. Правете си топла бања со лаванда, слушајте музика, гушкајте се и бидете во природа.
На крајот од денот присетете се и запишете ги некаде сите нешта во кои почувствувавте дека ви недостига психолошка сила. Довршете ги овие реченици и размислете што може да направите во врска со нив:

  1. Ме лути…..
  2. Ме натажува……
  3. Ме плаши…..
  4. Ме прави среќна….
    Поставете си го и одговорете го прашањето: Како можам утре да бидам подобра?
    Отворено разговарајте со вашиот сопруг за сѐ што ви се случува и отворено побарајте помош и поддршка од него.
    Емоцијата на родителот многу лесно може да стане емоција на детето, особено доколку не зборувате за неа. Грижете се за себе и вашето ментално здравје.
    Бидејќи сте една.
    Бидејќи сте важна.

е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X