Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Бремена сум 6 недели и наместо да чувствувам радост, јас сум преоптоварена со црни мисли. До тој степен што ми доаѓа постојано да плачам и имам огромна тежина на градите. Цело време си мислам дека не ја заслужувам оваа среќа, дека може да им се случи нешто на моите блиски, наместо раѓање нов живот, јас мислам на смрт. Прашањето ми е дали ова е некој период во почетокот на бременоста и дали ќе ми помине?
Инаку, јас сум многу затворена личност и сѐ собирам во себе. Ќе ве молам за совет.

ОДГОВОР: Бременоста, со оглед на обемот и брзината на телесните, хормоналните и емоционалните промени, за жената претставува психолошки комплексен период на екстремна ранливост.
Откривањето на бременоста нѐ води кон нови конкретни одговорности, а тоа е новиот живот кој бара грижа за опстанок и развој, а стекнувањето на улогата на мајка вклучува откажување од некои аспекти на улогите на ќерка, жена и партнер и може повторно да ги активира искуствата на загуба и тага кои бараат прифаќање и слушање.

Мајчинството и бременоста денес уживаат идеализиран статус, додека промените кои водат до реални и тешки емоции генерално се потценети и малку прифатени не само од самите жени, туку и од општеството.
Бременоста не е нужно период на радост или еуфорија, понекогаш тоа не е ни период на блажено спокојство. Некогаш бременоста е скок назад во минатото, понекогаш е полна со неизвесности, понекогаш е повеќе како патека со препреки отколку како оаза на мирот и креативноста.

Овие анксиозности со кои се соочувате се испреплетени со многу јаки сензации, емоции, стравови и сомнежи кои почнуваат да опседнуваат и да предизвикуваат напнатост, несоница, несигурност… генерално, преоптовареност од настанот од толку голема важност.
Треба да се напомене дека ваквите емоционални промени се сосема нормални, но кога сензациите стануваат тешки и загрижувачко нагласени, потребно е да разговарате и да ги споделите.

Тешко е да се бориме сами со себе, особено во вакви ситуации, и често мислиме дека таквите работи ни се случуваат само нам. Доколку не можете да споделите како се чувствувате со вашите најблиски, секогаш можете да се обратите на психолог или психотерапевт со кој ќе можете да разговарате.
Разбирањето на промените и знаењето како хормоналните промени влијаат врз емоциите ќе ви даде една поинаква свесност за полесно да се носите со овие емоции со кои моментално се соочувате.
Грижата за вашето ментално здравје е многу важна првенствено за вас, а тоа ќе помогне да се постават темелите за благосостојбата и на вашето дете.

Доколку ви е потребна дополнителна помош и разговор, можете да закажете советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X