Постојат многу стереотипи за постарото дете, средното и најмладото. Но, дали тоа се само митови или постои вистина во тврдењата дека редот на доаѓање на светот влијае врз карактерот?
Теоријата за редоследот на раѓањето вели дека врз нашата личност влијае моментот кога доаѓаме на свет, а влијае и врз нашата интелигенција, па дури и врз успехот што ќе го постигнеме во животот.
Но, дали навистина постојат одредени карактеристики поврзани со тоа кога сме родени?
Докторот и радиоводител Рада Модгил објаснува:
– Иако можеби не го сфаќате тоа, веројатно апсорбирате некои стереотипи. Според теоријата за редот на раѓање, редоследот по кој ќе се роди детето влијае врз неговата личност.
Некои од највлијателните идеи во ова истражување се предложени од Алфред Адлер, австриски лекар и психотерапевт, кој живеел кон крајот на 19 и почетокот на 20 век.
Адлер бил средно дете, од вкупно седум деца. Сакал да разбере зошто децата што растат во исто семејство имаат различни личности.
Во 1927 година Адлер воспоставил идеја дека редоследот на раѓање влијае врз развојот на личноста бидејќи родителите различно ги третираат децата според тоа дали се најстари или најмлади.
Исто така, верувал дека родителите што ги споредуваат браќата и сестрите создаваат чувство на инфериорност. Оттогаш, истражувачите ја развиле идејата околу карактеристиките што луѓето ги имаат во зависност од тоа кога се родени.
Најстаро дете
На пример, за најстарото дете се смета дека ќе ги задоволува луѓето: ќе биде одговорно, сигурно, внимателно, но ќе сака и да има контрола.
Традиционално се смета дека постарото дете добива повеќе внимание од родителите, така што кога ќе дојде наредното дете, тоа често се чувствува запоставено и помалку е во центарот на вниманието.
Постари деца што подоцна станале славни се и британскиот премиер Винстон Черчил и авторката на романите „Хари Потер“, Џ. К. Ролинг.
Средно дете
Средното дете често е изоставено, игнорирано, па се обидува да бидат мировник. Таквото дете се обидува да се приспособи на она што веќе го зело постарото дете.
Средни деца што станале славни се Бил Гејтс и пејачката Мадона.
Најмало дете
Најмалото дете често е себично, манипулативно, забавно, интересно и шармантно. Тоа мора да работи повеќе на тоа да привлече внимание и да се труди да биде различно од своите браќа и сестри.
Најмали деца во семејството што станале славни се Махатма Ганди и Камерон Дијаз.
Дете-единец
Доколку немате браќа и сестри, немојте да се чувствувате запоставено, затоа што Адлер има теорија за карактеристиките на личноста на луѓето што растеле во многучлено семејство.
Детето-единец е себично, независно и често има карактеристики на личност како најстарото и најмладото дете.
Познати дека што пораснале без браќа и сестри се Даниел Редклиф и Леонардо да Винчи.
Зошто браќата и сестрите се различни?
Во 1996 година американскиот психолог Френк Саловеј ја претставил теоријата дека овие разлики може да претставуваат борба за опстанок во секое семејство.
Во еволутивната теорија на Чарлс Дарвин конкуренцијата меѓу живите суштества се смета како борба за егзистенција и со самото тоа е основа за природна селекција. Кога ова се применува на семејствата, децата се натпреваруваат за родителското внимание и даваат сè од себе за да преживеат.
На пример, постарото дете може да преземе одговорност и да се грижи за помладите деца. Кога помладото дете ќе се роди, тоа мора да биде различно од другите деца и да го најде своето место. Така, тоа влијае врз конкуренцијата и создава подобра атмосфера во семејството, бидејќи шансите за преживување се поголеми.
Доказ
Со текот на времето резултатите од истражувањето биле недоследни. Некои ја поддржувале теоријата на Адлер, а други целосно ја отфрлиле.
Некои истражувања покажале дека постојат разлики, а некои дека немаат смисла. Други покажале дека се забележани разлики поради примерокот земен за пишување на истражувањето, односно колку браќа и сестри има во семејството, како и колкава е разликата во години меѓу децата.
Теоријата за редоследот околу раѓањето е одлична тема, но сè уште не може точно да се утврди колкаво влијание има, ако го има.