Во средина на хаосот од будење на децата за да започнат со онлајн-наставата, соодветното држење на телото пред компјутерите не ни беше прва мисла на ум. Се мачевме да се логираме на сесиите на „Зум“, за процесот на учење од дома да помине во најдобар ред. Мојот дом не изгледаше баш како училница. Моето дете средношколец работеше во дневната соба, „прикачен“ за компјутерот. Децата што одат во основно училиште, син и ќерка, си ги користат своите лаптопи менувајќи ја положбата од едно на друго место. Ќерка ми, која е петто одделение, почесто работи на своето биро, но екранот на нејзиниот лаптоп е премногу низок, таа гледа надолу додека работи, па веќе неколку недели се жали на болки во вратот. Не е чудно.

Училишната година беше драматично променета поради пандемијата, а повеќе од 30 милиони јавни училишта практикуваат виртуелно учење. Голем број ученици долго време се пред своите компјутери, па експертите ги предупредуваат родителите на соодветната положба на децата во текот на учењето бидејќи неправилното држење може да предизвика болки во грбот и во вратат, а понатаму може да дојде и до потенцијални повреди.

– Децата не се имуни на повреди, особено ако работат пред компјутер цел ден во чудни положби. Ако децата се зашеметени и седат со своите стапала на земја, се наведнуваат и зјапаат со часови во компјутерите без пауза, може да се соочат со напрегање на вратот, грбот и очите. Овие работи влијаат врз сите – вели Теодор Генли, ортопед-хирург од Детската клиника во Филаделфија.

Болката се јавува релативно брзо, а лекарите велат дека за подолг период од 6 до 12 месеци може да дојде и до сериозни повторувачки стресни повреди, како тендонитис или синдром на карпален тунел.

Повредите поврзани со седење пред компјутер се поврзуваат и се одредуваат кај возрасните лица, но сè уште нема целосни податоци за тоа какви се овие проблеми кај децата. Децата, сепак, не работат толку интензивно на компјутерите како возрасните на работа, но сега учењето на далечина бара од нив активно да поминуваат подолго време пред компјутер. Нејасно е колкави последици ќе остави тоа бидејќи не се знае ниту должината на периодот во кој ќе се спроведува таквиот начин на учење.

Според Алан Хеџ, професор на Универзитетот „Корнел“, загриженоста се јавува бидејќи децата што седат во неправилна положба пред компјутер долго време може да имаат долгорочни проблеми, кои не се веднаш видливи. Тој е загрижен и за ‘рбетните деформитети кај младите деца кои поминуваат долго време пред компјутер.

– Овие повреди се бавни и прогресивни. Имате време да реагирате и да сопрете да се случи тоа – вели професорот.

Како може да им помогнете на децата во овој случај:

Охрабрете ги да работат во неутрална положба

– Идеално, децата и возрасните треба да одржуваат неутрална положба додека седат на компјутер, а тоа подразбира ‘рбетот да не биде свиткан, долниот дел од грбот да биде поддржан, а вратот исправен.
– Предниот дел од раката до лактот и бутовите треба да бидат паралелни со подот, а стапалата треба да бидат исправени и поткрепени, а не да висат.
– Рацете треба да се одмараат удобно на страните, со исправени и релаксирани зглобови.
– Работната средина треба да биде добро осветлена, а мониторот да биде соодветно позициониран на оддалеченост во должина на рацете, додека горниот дел од екранот да биде соодветно во видикот и нивото на окото.
– За да се намали напрегнувањето на очите, Хеџ го сугерира правилото 20-20-20, кое подразбира „на секое 20 минути да гледате на оддалеченост повеќе од 20 стапки за да ги одморите очите и да трепкате со очите барем на 20 секунди“.

Десктоп-компјутерите се посоодветни за креирање таква работна средина, а лаптопите и другите помали компјутери за деца претставуваат вистински предизвик.

– Технологијата како лаптоп-компјутер никогаш не ни била дизајнирана за да биде ергономски продукт, бидејќи кога екранот е во добра позиција, речиси е невозможно да се користи тастатурата. Кога тастатурата е во добра позиција, навистина е тешко да се користи екранот освен ако не сте во неправилна положба – вели Хеџ. Алтернатива е регуларен стол кој може да се направи попријатен за децата, така што ќе користите перници за да се крене нивото на децата, или да свиткате пешкири за да го поддржите долниот дел од грбот на децата, а стапалата да ги постават на кутија.

Нека имаат чести паузи

Паузите се дел и од нормалниот училиштен ден, па учењето од дома треба исто така да го содржи истото. Експертите советуваат детето да не стои долго време пред компјутер, па се препорачува децата да прават и вежби за истегнување, особено такви што  го раздвижуваат горниот дел од грбот и вратот. Дури и кога ќе прават пауза за ручек, велете им да ги практикуваат вежбите, сметаат експертите.

Прашајте ги како се чувствуваат

Мојата ќерка ми кажа дека ја боли вратот, но не комуницираат на тој начин сите деца за да ви кажат дека им е непријатно или дека имаат болки додека работат на компјутер. Кренато е црвено знаме кога детето постојано има непријатност или чувствува болка, особено во вратот, рамената, грбот, зглобовите или рацете, како и кога има тензични главоболки. Ако болката не престанува и откако ќе направите ергономски приспособувања во работната средина на детето, тогаш консултирајте се со лекар.

Автор: Џексон Џојс

Извор



912

X