Американскиот поет и филозоф Хенри Дејвид Торо еднаш рекол: „Ако човекот не е во чекор со своите придружници, можеби тоа е така затоа што слуша друг тапанар. Оставете го нека чекори во согласност со музиката што тој ја слуша“.
И токму „пуштањето“ на другиот да „ја слуша сопствената музика“ е она што настојува да го промовира Меѓународниот ден на толеранцијата кој се одбележува во ноември. Уште во далечната 1996 година Обединетите нации ги прозвале своите членки за одбележување на важноста од меѓусебното почитување и уважување на различните од нас, во согласност со Декларацијата за принципите на толеранцијата. Толеранцијата се дефинира како став кон кој или кон што (кон луѓето, идеите, работите) се однесува или се постапува. Но, тоа не е нешто со кое луѓето се раѓаат. Толеранцијата се учи, а колку е таа важна и како се применува во наставата, зборува професорката Гордана Фрол, автор на првиот хрватски учебник за граѓанско општество.
Важно е децата од најрана доба да се учат како да ги прифатат и почитуваат различностите. Првите сознанија за тоа ги стекнуваат во семејството, а потоа во градинка и на училиште. Со заедничко дејствување во домот и во институциите во кои детето се воспитува и образова може да се изградат ставови и вредности кои промовираат љубов, солидарност, еднаквост, меѓусебно прифаќање. Училишната средина е многу важна за формирање на личноста на учениците.
Во продолжение следуваат активности кои ќе поттикнат толеранција кај децата.
1. Игри за запознавање и контакт
Децата најдобро го помнат и го учат она што го гледаат, она што ќе го доживеат со своите сетила. Затоа поттикнете ги на тоа и да бидат повеќе активни во однос на запознавање со врсниците. Ако се наоѓате на детско игралиште, поттикнете го детето да им се претстави на другите, да каже кој е и што сака. Ако организирате роденден и ги повикате новите пријатели на детето, кои ниту вие ниту детето доволно ги познава, посегнете по играта „ветерот дува за…“. Децата нека седнат на столчиња, со тоа што нивниот број мора да биде за едно помалку од бројот на деца. Набројувајте за кого дува ветрот: за оние што имаат кафени очи, што имаат браќа, што сакаат мачки и слично. Оние деца што се препознаваат во тоа ќе станат, а бидејќи бројот на столчиња е помал од бројот на деца, тој што нема да го зграби своето столче, ќе кажува за кого дува ветрот.
2. Читајте му приказни со тематика толеранција
Се сеќавате на Андерсеновата „Грдото пајче“? На сите ни е врежана сликата на малото пајче кое другите го исмејуваат бидејќи е различно. Токму таа приказна на убав начин ги прикажува дискриминацијата, отфрленоста и чувствата што ги предизвикуваат. Наведете го детето да именува емоции од почетокот до крајот на книгата и секако нагласете ја промената што ја доживеало. Потоа, одбирајте такви книги.
3. Цртање различности
Ако вашето дете го сака ликовниот израз, задајте му да нацрта таканаречено виножито на сличности и разлики. Секоја боја нека претставува по една личност која детето ја познава, па потоа на неа испишете што сака кај одредена личност, а што сака кај себе. Ќе се увери дека и различните бои, односно различните лица имаат нешто што тоа го сака.
4. Покажете му двосмислени слики
Можете да најдете на интернет вакви слики кои се направени така што, зависно од аголот на гледање, може да се видат различни работи на нив, како онаа со старицата и младата девојка. Покажете им такво нешто на децата и прашајте ги што гледаат. Така ќе спознаат дека не мораме секогаш сите да ги гледаме истите работи во нешто.
5. Помогнете во организациите за деца со тешкотии во развојот
На многу организации и здруженија им недостигаат волонтери, па одведете го детето на час или два во некоја од нив, каде што на пример се собираат деца со Даунов синдром, а користа ќе биде повеќеслојна. Вашето дете ќе види дека може да игра и со оние деца што на прв поглед се различни.
6. Ширете ги видиците на детето со патувања
Патувањата се најдобар начин за учење за себеси и за другите во која било доба, а најмногу во детството. Одењето во странска земја на детето ќе му покаже не само што нуди светот, туку и како изгледаат и се однесуваат луѓето надвор од неговиот крај. Исто така, може да се упатите и во крај во вашата земја каде што има различни обичаи.
7. Нека учи странски јазик
Ова е еден од начините на кои детето најбрзо и најлесно ќе сфати дека постојат различни луѓе од него, кои користат друг јазик за комуникација.
8. Бидете пример
Децата го копираат однесувањето на своите родители. Сите претходни активности нема да имаат смисла ако детето гледа дека вие не го правите истото. Затоа настојувајте да избегнувате да се шегувате на туѓа сметка во присуство на детето, не зборувајте лошо за другите и бидете пример за толеранција.
9. Покажете му толеранција во семејната заедница
Не е доволно само да му бидете пример на детето. Тоа мора да го прават двајцата родители, како и остатокот од семејството. Детето мора да види дека во вашето семејство сите се прифатени, без оглед на изгледот, тежината, хобијата и интересите.
10. Објаснете му дека сепак не смее да толерира баш сè
Колку и да е важна толеранцијата, детето мора да знае дека постојат и граници. Додека треба да се учи како да се толерираат различни нации, раси, полови и особености, мора да знае и дека навредите, понижувањето и кој било облик на злоупотреба воопшто не треба да се толерира.
Автор: Татјана Барат