По секое прогласување на наградата ѝ се јавуваме на наставничката и цело одделение громогласно ми аплаудира извикувајќи: Браво, Бисера! Тогаш се чувствувам како вистинска ѕвезда, вели Бисера

Бисера Јанева има осум години, учи да свири на пијано околу две години, а веќе собира први награди на натпреварите. Ова ведро и кротко девојче успехот го доживува кога ќе го слушне аплаузот на другарчињата во 3-1 одделение во Основното училиште „Тошо Арсов“ во Штип. Вели дека тие се најдобри.
– По секое прогласување на наградата, ѝ се јавуваме на наставничката и цело одделение громогласно ми аплаудира извикувајќи: Браво, Бисера! Тогаш се чувствувам како вистинска ѕвезда – вели таа.

Бисера и татко ѝ Благој

Во 2017 година победила на 16. Меѓународен натпревар – Србија, а лани освоила први места на Меѓународен натпревар Полихимнија – Скопје, Општински натпревар пијано – Штип, Регионален натпревар пијано – Штип, Државен натпревар ЗДМБУ Скопје и на Меѓународниот натпревар „Арт Ин“ добила Специјална прва награда, со 100 бода.

„Му пријде на клавирот без страв и непоколебливост, ќе умее да свири моќни и длабоки композиции“

Почнала да учи пијано од својот татко Благој, а подоцна во ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип во класата на проф. Марија Максимова.
– Бисера е дете полно со љубов и несебично ја споделува и со нас и со другарчињата, а ги сака и животните. Учи брзо, многу прашува и сè ја интересира – вели мајка ѝ Александра Јанева.

Завршен концерт на пијано-класа во „Сергеј Михајлов“ во Штип

Дека детето е музикално, родителите забележале многу рано.
– Се сеќавам, беше многу мала, на нецели две години ги имитираше звуците на ѕвончето од влезната врата, препознаваше кога татко ѝ се враќа од работа по брмчењето на автомобилот, ги имитираше звуците од музичките играчки. Малку подоцна покажа љубов кон клавирот. Најсреќна беше кога татко ѝ ги свиреше детските песнички. Очигледно беше дека детето има развиен слух. На три години ја интонираше скалата Це-дур и се придружуваше на клавирот – вели Александра.

Комуникацијата меѓу родителите и Бисера е смирена и со почит.
– Љубовта е најбитна за нас – вели Александра.
Таа раскажува дека успехот е мотивација за девојчето.
– Голем залак за секое дете е да се натпреварува. Бисера ја сака сцената. Засега натпреварувањето не ѝ претставува проблем, напротив, предизвик ѝ е. Ние секојдневно повторуваме дека успехот е постојаност во одредена намера. Таа постојаност е секојдневното вежбање на клавирот. На првиот Интернационален натпревар во Србија и нејзината прва интернационална награда, критичкиот осврт на еден член од жирито гласеше: „Бисера е единственото дете што му пријде на клавирот без страв и непоколебливост. Ќе умее да свири моќни и длабоки композиции“ – раскажува Александра.

На доделувањето на првата специјална награда на Меѓународниот натпревар „Арт Ин“

Време и за другарчињата

Љубопитната Бисера, освен што свири, многу сака да црта, да плива, да скија и да пее.
Вежба речиси секој ден, по половина час, а кога се подготвува за натпревар, и по два часа на ден. Треба да ѝ остане време и за другите работи што ги сака.
– Сакам да се дружам со моите најдобри другарки Mиа, Бјанка, Елена, Клара, Дора и Ивана од Скопје. Со нив заедно одиме на училиште, си играме разни игри, се допишуваме на интернет. По училиште малку се одморам, потоа пишувам домашни задачи. Во попладневните часови вежбам клавир, па одам на час во музичкото училиште. Потоа одам на курс по англиски јазик. На крај се прибирам дома и се подготвувам за новиот училиштен ден – раскажува девојчето.
Иако многу го сака клавирот, кога ќе порасне, сака да биде пејачка. Кога ја прашавме што многу сака, не заборави да ја спомене учителката Ванѓе Манева, а ниту пак омилената храна – јуфки.

Бисера и нејзината наставничка Марија Максимова

Мотивирајте ги децата

Мајка ѝ Александра вели дека наставникот и педагошкиот пристап се многу значајни во едукацијата и развојот на детето.
– Нејзината наставничка по пијано – Марија секогаш ја турка скалило погоре со посветеност и работа. Умее да допре до чистата детска душа. На секој поважен настан е со нас. Бисера ја чувствува како столб на кој може да се потпре. Многу значат зборовите: „И да згрешиш, продолжи понатаму! Не заборавај, јас сум овде со тебе“ – вели Александра.
Таа и Благој им порачуваат на сите родители што имаат талентирани деца да ги мотивираат музички да се надградуваат.
– Музиката е шепот на вселената! Нешто што интензивно го развива детскиот мозок. Се развиваат моториката, дисциплината, концентрацијата. Во поново време, секоја композиција раѓа емоција и фантазија кај Бисера додека музицира. Наша задача како родители е да ја насочиме и да ѝ дадеме поддршка и сигурност. Дури и некогаш забораваме дека е само дете. Ама ќе го негуваме детето во неа и кога ќе порасне. Тоа е ветување – додава мајката.



912

X