Сите знаеме колку е тешко да ги натераме децата да читаат во текот на летниот распуст (чест на исклучоците) покрај сите тие крадци на внимание – мобилни, таблети, ТВ-канали со цртани што немаат крај… Но, наша должност, на родителите, бабите, тетките.., е да им го откриеме волшебниот свет на книгите, каде што ќе ѝ се препуштат на фантазијата, каде што ќе имаат можност да прашуваат, да откриваат нови работи, да ги повторат зборовите, речениците… навечер пред спиење или во најжешкиот дел од денот кога седат затворени дома под клима. Зашто моќта на зборовите е огромна! Затоа мора да им ја всадиме љубовта кон читањето!
Иако веруваме дека повеќето деца го гледале цртаниот филм „Биби и џиновите“ и веќе им е омилен, ви пренесуваме дел од сликовницата. Прочитајте им го на малите љубопитници, сигурни сме дека ќе ве изненадат со нивните размислувања.
Џиновите збунето се приближија до Биби, а таа им рече: –Дајте да ви ги видам рацете! Лелеее, колку се валкани. Чекајте да ви ги видам ушите! Аууу, за никаде! Вие знаете ли да си ги миете рацете, лицето, ушите и забите? Знаете ли дека треба да се капете редовно? И зошто ви е толку неуредна пештерата, никој не ве научил дека дома треба да се чисти и раскрева?
А џиновите почнаа да пелтечат: – Н-не! Н-никој!
Тогаш, најстариот џин се охрабри, па ја праша Биби: – А, а, дали можеш да ни помогнеш да исчистиме? Тоа е женска работа.
Ау, колку се налути Биби на овие зборови: –Женска работа!? Кој ви рекол такво нешто! Веднаш да ја исчистите пештерата, да избришете прашина, да ги раскренете сите ваши работи, да се измиете убаво, а потоа ќе ви покажам како да зготвите ручек! Мора да знаете да се грижите за себе!
На крај, прашајте ги малите умни глави што мислат – која е поуката во оваа сказна, дали тие раскреваат по дома, дали нивните татковци извршуваат „женски работи“…
Во оваа сказна Биби испраќа и други пораки за децата, откријте ги заедно и уживајте во читањето!
912