Дали вашите деца лесно стекнуваат нови пријатели? Доколку не е така, примерот на Биби и Боби може да им помогне да научат како полесно да започнат разговор со ново другарче. Откријте ги и другите пораки во оваа сликовница, од која децата ќе научат нешто повеќе за градот Охрид и неговата околина, а и ќе можат да ги бојат омилените ликови на последните страници!
Летен распуст! Има ли нешто поубаво? Уште ако одморот е во прекрасниот Охрид. Нема дете што не ја сака водата. Пливањето, игрите со камчиња, прскањето со вода, возењето со кајче…. Децата по природа се истражувачи, сакаат да ѕирнат под секое камче, да се нурнат длабоко во езерото, да дознаат нешто ново за сите животни и растенија.
Така и Биби и Боби ги поминуваат деновите од распустот во Охрид. И ќе откријат нешто чудесно, т.е. ќе стекнат една необична пријателка – чудовиштето Деси! Дознајте повеќе за тоа во следниот извадок, и секако, откријте ја пораката што ја испраќаат Биби и Боби.
Деси почна да плаче, а Биби се вознемири.
– Не плачи, не плачи… – ја тешеше Биби. – Ајде развесели се, ќе смислиме ние нешто.
– Д-добро! Ќе се развеселам – одговори тивко Деси.
– Еве, мене ми текна како да се развеселиме ситеее! – викна Боби, кој не знаеше што да прави кога некој плачеше. – Ајде да си играме. Може ли, те молам, те молам да ти се качиме на грбот и заедно да пливаме низ езерото?
– Боби, пссст… не е учтиво… – Биби сакаше да го запре во намерата, мислејќи дека Деси не е расположена некој да ѝ се качува на грбот, но за чудо Деси многу се израдува.
– Ум-тум-тум! Можеее! Ајде, брзо качете се и ќе ве повозам. Само кратко, да не ме види некој. Ако ме види, ќе биде страшно. Одиме сега, а потоа ќе морам пак да се скријам.
– Јипи рипи! – се радуваше Боби.
– Јееј! – се радуваше и Биби.
И така, Деси ги повози Боби и Биби низ езерото. Вррррр – навака, вррррр – натака! Ооо, колку беше убаво! Но, по некое време Деси почна да се враќа кон плажата.
– Мораме да се вратиме побрзо, страв ми е да не ме забележи некој – им рече таа.
Тогаш, на Биби ѝ падна на памет неверојатна идеја!
– Еј, Деси, чекај. Ми текна нешто! Знам како не ќе мора веќе никогаш да се криеш!
На Биби ѝ текна дека Деси може да се пресели на едно место каде што ќе може слободно да си плива и да не се грижи за ништо – во малото езерце во волшебната шума! Таму ќе биде безбедна, а ќе има и многу пријатели: животните, џиновите, мајката и бебето-змеј и сите други необични жители на шумата!
Уживајте во летото читајќи ги сказните на Биби!
912