Желба и сон на секој родител е неговото дете да биде здраво и безбедно. Во 21 век особено се грижиме за безбедноста на децата. Тоа е така затоа што современиот свет е обележан со брз раст и развој во секоја смисла. Сè поголем е бројот на автомобили на улиците, сообраќајот е густ, сè повеќе има криминал, а опасноста е присутна не само во реалниот свет, туку и на интернет. Желбата нашите деца да растат во мирно и безбедно опкружување е природна, но напорите таа да се оствари сега се многу поголеми отколку во педесеттите години од минатиот век. Дали безбедното детство стана невозможна мисија на модерниот свет?

Како да биде безбедно дете што расте во голем град?

Големите градови подразбираат големи и широки улици, голем број училишта, банки, но и оние установи на кои им е потребно големо обезбедување како затвор. Безбедносните огради се добро решение за обезбедување не само на затворот, туку и на далноводите за да ги штитат и децата и возрасните од струјни удари. За криминалот, дрогата, убијците и педофилите слушаме секојдневно на телевизија, а статистиката покажува дека стапката на киднапирање деца е поголема во густо населените градови.

Родителот мора да мисли на безбедноста на своето дете секаде: дома, на училиште, на патот од домот до училиштето, во продавница или, пак, на тренинг во спортска хала на другиот крај од градот. Сепак, покрај овие екстремни опасности, можеби во прв план треба да се стават сообраќајот и сообраќајниот метеж. Освен големиот број несовесни и несериозни возачи, детето мора да научи дека внимателноста на патот и на пешачкиот премин треба да биде на највисок степен.

Дали нашите деца се безбедни на патот до училиште?

Дали ви се чини дека родителите на денешницата се претворија во возачи на своите деца? Основците, па и средношколците се возат до училиште, тренинг, приватно училиште за странски јазик или курс по танцување. До пред речиси 30 години одењето на училиште било кратка прошетка за учениците од домот до училницата. Родителите ги следеа децата во првата недела од училиштето или евентуално во текот на септември, а потоа малите ученици спонтано креирале своја група на пријатели со кои секојдневно го поминувале тој пат. Меѓутоа, денес тоа на многу родители им изгледа како невозможна мисија.

Една од причините е зголемениот број на возила на улиците, но и сè поголемиот број несовесни и брзи возачи. Градот во кој живеете воопшто не мора да биде најголемиот град на светот, но детето едноставно веќе не е безбедно како некогаш – ниту на тротоар ниту на пешачки премин. На Запад овој проблем е решен со училишни автобуси кои ги возат децата до училишниот двор. За жал, кај нас таа практика уште не е заживеана. Така сообраќајниот метеж секое утро се зголемува со нови возила и родители-возачи што ги возат своите деца.

Безбедност на училиште

Училиштето е простор во кој детето поминува голем дел од времето. Во повисоките одделенија децата имаат дури и по осум часа доколку се вклучени во воннаставни активности. Меѓутоа, без разлика на бројот на часови, на родителите им е многу важно тоа да биде установа во која детето ќе биде безбедно, среќно и неизложено на опасности.

Порано било вообичаено детето да оди на настава во најблиското основно училиште, токму поради тоа што се мислело на што пократок пат од дома до училницата. Денес, пак, работите се поинакви. Со оглед на тоа дека во поголемите градови децата се возат до училиште, родителите го одбираат училиштето кое го сметаат за најсоодветно за своето дете. Едно од мерилата по кои се водат е безбедноста, односно до кој степен тоа училиште е обезбедено од влез на непосакувани лица.

Речиси секоја училишна установа сега има свој полицаец, односно надлежно лице кое се грижи за безбедноста на децата во училиштето. Тоа подразбира некој по службена должност да води ред за сообраќајот околу училиштето, за воведување ред и мир во училишниот двор и во ходниците и, се разбира, никој да не влегува во училиштето без легитимација. За редот и дисциплината, исто така, се задолжени и дежурните наставници и ученици. Дисциплината во голема мера влијае врз угледот на училиштето. Родителите што одбираат каде ќе посетува настава нивното дете водат сметка и тоа да биде место без врсничко насилство и слични опасности.

Безбедност дома

Факт е дека и покрај сите активности, детето најмногу време поминува во семејната куќа. За здравје и среќно детство, не  е неопходно секое дете во семејството да има своја соба или да живее во некоја луксузна вила. Напротив, семејството е тоа што го прави станбениот простор дом, без разлика дали е куќа или стан.

Кога го уредуваат своето семејно гнездо, родителите се приспособуваат на возраста на детето. Така родителите на дете кое само што почнало да оди ќе се погрижат тоа да не се повреди на остриот раб на масата или да не ги чепка каблите од домашните уреди. Родителите на постари деца најмногу се грижат за безбедноста во смисла дали влезната врата е заклучена, дали се затворени прозорците или дали некои хемиски препарати за чистење се на дофат на децата. Повеќе не е доволно упатството кое вели дека на непознати не треба да им се отвора вратата. Потребно е да имате сигурни брави, а многу домови денес имаат инсталирано и камери за видеонадзор. Секогаш треба да се внимава кога е во прашање струјата, па задача на родителот е да го подучи детето за опасностите од пожар, како и за тоа како да се однесува ако се најде во некоја од опасните ситуации, на пример, поплава.

Безбедност на интернет

Иако изгледа дека модерниот родител претерува во сè, се чини дека безбедноста на децата е тема на која може да се полемизира во недоглед. Современите родители за безбедноста мора да мислат многу повеќе отколку нивните родители претходно, а да не зборуваме за претходните генерации. Иако светот никогаш не можел да се спореди со големо детско игралиште, факт е дека насилството и агресијата се секојдневие на децата, дури и на школска возраст. Доколку не се директно изложени, тогаш се изложени на индиректен начин, преку медиумите. На најрана возраст гледаат цртани филмови со насилни содржини, а неретко уште на училишна возраст гледаат и такви играни филмови. Ако постои натпреварување, може слободно да се каже дека интернетот ја престигна телевизија во презентирањето различни медиумски содржини во семејните домови.

Опасноста постои не само во филмовите што ги гледа детето, туку и на социјалните мрежи, кои се сосема нов свет. На „Фејсбук“ или „Инстаграм“ детето еднакво се соочува со проблеми, грижи, приспособување и стрес, како што тоа го прави и на училиште и на улица, во реалниот свет. Задача на родителите е да му помогнат на детето да ги заобиколи мрачните патишта на интернетот и да научи што е добро, а што не. На тој начин контролата и паметното наведување може да го направат интернетот безбедно место за детето.

Автор: Драган Антиќ



912

X