Пред еден месец 65-годишната струмичанка Д.В. се јавила во поликлиниката „Филип Втори“ во Струмица со симптоми на слабост и трнење во двете раце, болка во вратот и градите. По направените амбулантски иследувања, а воедно и влошување на невролошкиот статус, таа е испратена на болничко лекување во клиничката болница „Жан Митрев“ во Скопје. Вака почнува приказната на оваа наша сограѓанка, која побарала помош од тимот во „Жан Митрев“ поради големиот здравствен проблем кој ѝ го загорчил животот.
– Со комплетна одземеност на рацете и нозете, таа буквално само лежеше додека нашиот медицински тим ги правеше сите испитувања за да се најде причината за ваквата состојба на пациентката. Повеќе од јасно беше дека станува збор за комплексна проблематика која ќе бара повеќеслоен пристап за точна дијагноза. Направена е селективна ангиографија на коронарните крвни садови. Исклучена е коронарна артериска болест. Направени се лабораториски иследувања и беа без значителни отстапки. Направена е компјутерска томографија на глава и на врат на која е евидентирано дека мозочниот паренхим е со уредна атенуација без фокални паренхимски лезии. Артериите на главата и на вратот беа без знаци за васкуларни малформации и опструктивни лезии. Исто така, евидентирано е дека постои апланирана цервикална лордоза со спондилоартрозни промени. По консултација со ортопед поради наодот на цервикален ‘рбетен столб, донесена е одлука за магнетна резонанција на вратен ‘рбет. Истиот беше со наод – вели д-р Драгица Вучкова, анестезиолог.
Веќе станува јасно дека пациентката има повреда на ’рбетниот мозок меѓу четвртиот и петтиот вратен пршлен, т.е. протрузија на дискусот. Таа повреда предизвикува директна компресија на ’рбетниот мозок, која се манифестира со невролошки испад, нефункционалност на рацете и на нозете.
Следувал оперативен зафат, специфичен и комплициран по многу параметри. Д-р Љупчо Николов, трауматолог, кој ја извел оперативната интервенција, објаснува дека пациентката имала повреда која се случила во нејзиниот дом во Струмица.
– По направените испитувања, евидентно беше дека дискусот го притиска продолжениот мозок. Токму тој притисок се манифестира со одземеност на рацете и на нозете. Таа имаше само минимални движења, само на рамењата, додека нозете ѝ беа комплетно одземени или медицински кажано беше класифицирана како „Франкел Ц“, т.е. некомплетна моторна лезија на ’рбетниот мозок. Што направивме? Операцијата се изведе во еден акт со преден пристап на вратен ’рбет од десна страна. Тежината на операцијата беше и во тоа што токму тука поминуваат многу витални органи, како што се главната каротидна артерија, хранопровод, душник, нервус вагус… Требаше сè убаво прецизно да се испрепарира за да се стигне до ‘рбетот. Поради тоа, ѝ се дава специфична тежина на интервенцијата. Кога стасавме до ’рбетниот мозок, се извади парченцето од дискусот што вршеше притисок во каналот на ’рбетниот мозок. Со тоа се направи декомпресија на ’рбетниот мозок, по што следуваше реконструкција и стабилизација на вратниот дел од ’рбетниот столб. За тоа искористивме еден нов имплант кој се вика Зеро-Пе, кој ни дава можност истовремено да направиме замена на дискусот и да го стабилизираме ’рбетниот столб – појаснува д-р Николов.
По операцијата пациентката била на интензивна физикална терапија, а деновиве, триесетина дена по операцијата, таа е способна сама да ги извршува сите физиолошки потреби. Деновиве во нашата клиника таа го прослави својот роденден во друштво на своето семејство и медицинскиот персонал кој секојдневно се грижи за неа.
– Бев парализирана, само дишев и гледав. Сега можам повторно сама да одам и да ги движам рацете. Верувајте, се чувствувам повторно жива и храбра. Им благодарам на сите доктори и останатиот персонал кој се грижеше за мене. Му благодарам и на моето семејство, кое исто така ми даде безрезервна поддршка – изјави пациентката.
(Комерцијална објава)