Лидија Зорба, магистер по психолошки науки

Лидија Зорба, магистер по психолошки науки

Повеќе од авторот

Најважната улога на таткото во животот на неговата ќерка е да ѝ овозможи да се чувствува спокојно и безбедно во негово присуство. Ова е тесно поврзано со тоа како таткото се однесува како сопруг, односно како се однесува кон мајката на девојчето

Повеќето истражувања покажуваат дека и двајцата родители (мајката и таткото) имаат речиси еднаква улога во емоционалниот развој на децата. Разликите произлегуваат од тоа што традиционално мајките биле многу поприсутни во животот на децата – тие претежно се грижеле за домашните работи и повеќе време минувале со децата во домот. Овој модел, кој во последно време сè повеќе се напушта, сè уште им овозможува на мајките да минуваат повеќе време со децата и на тој начин да имаат поголема улога во нивниот емоционален развој и воспитувањето. Поради ова, се чини дека улогата на таткото е занемарена или помала во однос на улогата на мајката, но тоа не е така.

Улогата на дедо на нивните внуци е посебно поглавје од животот на татковците. Многу дедовци велат дека тоа е најубавата улога во нивниот живот

Татковците имаат многу важни улоги во животот на децата – тие можат да се грижат за нивните деца исто толку добро како и мајките, да бидат воспитувачи и учители, заштитници, да обезбедуваат економска благосостојба во семејството и да им бидат модел на однесување на своите деца… Овде се среќаваме со уште едно традиционално верување дека татковците се поважни во воспитувањето на машките деца, а во воспитувањето на женските деца поважни се мајките. Но и тука се работи за предрасуда затоа што татковците се многу важни во развојот на нивните ќерки.

Најважната улога на таткото во животот на неговата ќерка е да ѝ овозможи да се чувствува спокојно и безбедно во негово присуство. Ова е тесно поврзано со тоа како таткото се однесува како сопруг, односно како се однесува кон мајката на девојчето. Да не заборавиме, децата многу повеќе учат од гледање отколку од зборување. Ако таткото се однесува кон сопругата со внимание и почит, ако одговорно се однесува кон обврските во семејството и придонесува за создавање пријатна и спокојна атмосфера во домот, тој модел на однесување ќе биде усвоен од страна на ќерката како модел за однесување на нејзиниот иден сопруг.

Од друга страна, ако таткото се однесува кон сопругата грубо, со невнимание, ретко е присутен во домот, не презема одговорност за важни работи што се однесуваат на семејството, ако придонесува за создавање непријатна и тензична атмосфера во домот… и тогаш тој станува модел за однесување и многу често, сосема несвесно, и ќерката може да избере таков сопруг.

Најнакрај, ако таткото го напушти семејството и нема контакт со ќерката или тие контакти се ретки и недоволни, девојчето честопати го усвојува тој модел на однесување и несвесно избира партнер со кој ќе се чувствува напуштено на еден или на друг начин.

Затоа, добро е татковците да се однесуваат кон нивните ќерки на начин и со внимание како што би сакале во иднина нивните сопрузи да се однесуваат. Претераното разгалување, исполнувањето на сите желби, некритичното воспитување во однос на однесувањето на девојчињата, исто како и претераната строгост, недостапност или ригидност во однесување на таткото кон ќерката, придонесуваат за попречување или стопирање на емоционалниот развој на детето.

Но улогата на таткото не завршува во раното детство на ќерката. Таа тука почнува. Татковците може да бидат од големо значење во тинејџерските денови на нивните ќерки, кога тие почнуваат да покажуваат интерес за спротивниот пол. Улогата на таткото во овој период може да придонесе  девојчето подобро да ги запознае момчињата на безбеден начин. Разговорите меѓу таткото и ќерката за нејзините проблеми и дилеми во врска со нејзините први момчиња придонесуваат  девојчето да се чувствува слободно да разговара со идните партнери и за теми што се однесуваат на емоционални, сексуални и други теми во врска со нивната интима.

Во периодот на адолесценција таткото е значаен извор на поддршка во животот на ќерката. Ако нивниот однос се развил во пријателски однос на заемна доверба, таткото може да биде поттик и поддршка за побезболно надминување на развојните кризи и нејзино емоционално и економско осамостојување. Разговорите со таткото за изборот на професијата, за тешкотиите на првото работно место, за изборот на иден партнер (сопруг) може да бидат од непроценливо значење за ќерката, доколку меѓу нив се развил здрав однос исполнет со доверба и заемна почит. Овој модел на однесување ќерките вообичаено го пренесуваат и во односот со сопругот и бенефитот е трансгенерациски.

Улогата на таткото во животот на ќерката не завршува и кога таа е во брак и има свои деца. Во овој период таткото може да биде одличен советник и поддржувач во кризните мигови од брачниот живот на ќерката, но исто така може да развие добар однос со зетот и на тој начин да придонесе за поголема семејна кохезија.

Улогата на дедо на нивните внуци е посебно поглавје од животот на татковците. Многу дедовци велат дека тоа е најубавата улога во нивниот живот. Грижејќи се за внуците, некои од нив одново ја доживуваат улогата на татко со многу поголемо животно искуство и радост од кога и да е.



912

X