Пневмонија во тек на морбили претставува најчеста и најсериозна белодробна компликација
Вирусот на морбили го зафаќа секогаш, во помал или поголем степен, бронхо-пулмоналното ткиво. Тешко е да се разликуваат промените што се последица на морбилозната инфекција од оние што претставуваат белодробни компликации. Од белодробни компликации во тек на морбили најчести се пневмониите, а поретко ларинготрахеитиси, бронхитиси и бронхиолитиси. На појавата на белодробни компликации има влијание возраста на детето, неговата имунолошка состојба и условите на средината во која живее. Белодробни компликации се чести кај помали и хипотрофични (послаби) деца.
Се смета дека акутните и хронични заболувања што ѝ претходат на морбилозната инфекција се предиспонирачки за развој на белодробни компликации. Овие компликации можат да бидат предизвикани од вирусот на морбили и од бактерии.
Од бактериски причинители најчесто се изолирани стрептокок, пневмокок, хемофилус инфлуенце и стафилокок. Се смета дека етиолошката улога на вирусот на морбили е особено значајна во раните компликации, меѓуто, и во белодробните компликации предизвикани од бактерии не се исклучува улогата на вирусот на морбили за кој се претпоставува дека создава терен за настанување на бактериски инфекции. Површно, плитко и забрзано дишење, диспнеа (отежнато дишење) може да се манифестира кај опструктивен бронхитис, бронхиолитис и пневмонија. Вентилациски проблеми со дишењето можат значително да ја влошат клиничката слика на болеста.
Пневмонија во тек на морбили претставува најчеста и најсериозна белодробна компликација. Предизвикана од вирусот на морбили, обично настанува во почетниот продромален стадиум, а бактериски подоцна настанува, по повлекување на исипот. Во дијагнозата од посебно значење е радиолошкиот наод. Промените не се разликуваат многу од промените карактеристични за другите вирусни пневмонии. Најчесто се гледа засилена бронховаскуларна шара, претежно во долните лобуси, со истовремено засенчување, која може да се спои и повеќе недели по излекувањето од морбили. Пневмоничните огништа можат да се видат како поединечни или повеќе метлести засенчувања.
Промените во крвната слика имаат само релативна значајност во етиолошката дијагноза, но битен показател сепак ни е леукоцитозата (зголемен број на леукоцити) со зголемен број на полиморфонуклеари како карактеристичен наод за бактериска суперинфекција. Битно е за целата дијагноза да се зголемува титарот на антителата во серум и наодот во назалниот секрет, како и изолација на вирусот на морбили.
Лекување: Познато е дека не постои специфична терапија за морбилозната пневмонија. Најдобро е во текот на морбили да не се даваат антибиотици за превенција на компликации, со исклучок на деца оболени од тежок клинички облик на морбили. Антибиотици обично се даваат во тек на морбили кај деца што боледуваат од некои други акутни (бактериски) заболувања или хронични заболувања, или имаат вродени маани. Кога веќе се настанати белодробни компликации, тогаш децата треба да се лекуваат со антибиотици и симптоматски лекови.
912