Кралската академија за медицина на Белгија смета дека веганската исхрана мора да биде целосно исклучена кога станува збор за деца.
Моментално околу три отсто од белгиските деца се на вегански режим, проценува академијата.
– Овој рестриктивен режим бара постојано следење на децата за да се избегнат проблеми во растот и недостатоци кои се неповратни. За децата што треба да се родат, адолесцентите, бремените жени и жените што дојат овој режим не одговара, количините на протеини со висока биолошка вредност, витаминот Б12, Д, калциумот, железото, цинкот, јодот се особено во прашање – стои во ставот на кралската академија за медицина на Белгија.
Извештајот му е предаден на главниот одговорен за правата на децата во Белгија, Бернард де Вос, кој побара анализа од академијата откако е констатиран алармантен број на смртни случаи и болести во болниците, градинките и училиштата. Де Вос размислува за можноста за одземање на децата од родителите што им наметнуваат веганска исхрана.