Бебињата родени со царски рез имаат различни бактерии на цревата од оние родени вагинално, покажува едно истражување што може да помогне во објаснувањето зошто некои деца имаат послаб имунолошки систем.

Истражувањето открило дека новороденчињата родени вагинално имаат почетни дози на бактерии или микробиоми добиени од нивните мајки, додека бебињата родени со царски рез добиле микроби поврзани со болнички средини.

Научниците што го спровеле истражувањето, досега најголемо кај новороденчињата, велат дека раѓањето може да биде момент што го поставува имунолошкиот систем за идниот живот.

Микробиомот на цревата содржи милиони микроби за кои се смета дека се важни за развојот на имунолошкиот систем. Недостигот на изложеност на правилните бактерии во раното детство е поврзан со автоимуни заболувања како астма, алергии и дијабетес.

Истражувачите од Институтот „Велком Сангер“, Универзитетскиот колеџ во Лондон и Универзитетот во Бирмингем откриле дека бебињата родени вагинално имаат повеќе бактерии поврзани со добро здравје за разлика од оние родени со царски рез. Наместо бактериите на нивните мајки, откриено е дека бебињата родени со царски рез имаат потенцијално штетни микроби што обично се стекнуваат во болниците.

Сепак, тие разлики во голема мера исчезнале во рок од една година. Научниците истакнале дека точната улога на бактериите на цревата на бебето се нејасни и не е познато дали разликите при раѓањето имаат некаков ефект врз подоцнежниот живот.

– Бебињата се стерилни кога се во матката. Моментот кога се раѓаат е истиот момент кога имунолошкиот систем се запознава со огромен број бактерии. Постојат истражувања што покажуваат дека бебињата родени со царски рез имаат малку поголем ризик од состојби поврзани со имунитетот. Тие имаат малку поголем ризик да боледуваат од астма или воспалително заболување на цревата и други алергиски состојби.

Истражувањето открило значителни разлики помеѓу бебињата родени со царски рез и бебињата родени вагинално. Но, разликите се изедначиле до моментот кога бебињата наполниле 12 месеци, велат истражувачите.

Експертите од Кралскиот колеџ за акушери и гинеколози велат дека наодите не треба да ги одвраќаат жените од царскиот рез.

– Во многу случаи царскиот рез спасува животи и може да биде вистинскиот избор за жената и нејзиното бебе. Точната улога на микробиомот кај новороденчето и кои фактори можат да го променат сè уште не се сигурни. Истражувањето покажува дека се потребни понатамошни анализи за да се подобри нашето разбирање за оваа важна област – вели д-р Алисон Рајт, потпретседател на колеџот и консултант-акушер.

– Првите недели од животот се критичен прозорец за развој на имунолошкиот систем на бебето, но за тоа знаеме малку – вели професор Питер Броклеурст од Универзитетот во Бирмингем.

– Итно треба да направиме дополнителни истражувања, набљудувајќи ги овие бебиња додека растат за да видиме дали раните разлики во микробиомот доведуваат до какви било здравствени проблеми – додава тој.

Истражувачите испитувале 1.679 примероци на цревни бактерии од речиси 600 здрави бебиња и 175 мајки, користејќи примероци земени од новороденчиња на возраст од 4, 7 или 21 ден.

Покрај разликите меѓу методите на породување, истражувањето покажа дека микробиомот на новороденчињата потекнува од цревата на нивната мајка, а не од вагината.

Претходните помали истражувања покажаа дека вагиналните бактерии децата ги голтаат додека поминуваат низ породилниот канал. Сепак, новото истражување не пронашло разлика во вагиналните бактерии во цревата на бебињата родени вагинално или со царски рез.



912

X