Освен јазикот, бебињата ги помнат и мелодиите што ги слушале додека биле во утробата, кои лесно ги препознаваат неколку месеци по раѓањето, покажа студијата на Универзитетот во Хелсинки во Финска.

Во истражувањето, 10 мајки во последното тримесечје од бременоста им ја пуштале приспивната песна „Twinkle Twinkle Little Star“ на своите неродени бебиња. По раѓањето, научниците ја тестирале реакцијата на бебето на истата приспивна песна со снимање на мозокот.

Кај бебињата што редовно слушале приспивни песни забележале зголемена активност на мозокот, за разлика од бебињата што ја слушале првпат. Тие го повториле истиот тест четири месеци подоцна и добиле речиси идентични резултати.

Исто така, забележале дека колку почесто мајката му ја пушта мелодијата на бебето, толку е посилен електричниот сигнал во мозокот.

– Мозокот на фетусот, и покрај тоа што сè уште се развива, пoмни звуци без воопшто да го знае тоа. Кога свири позната мелодија, бебињата се сеќаваат на неа, но не како возрасните. Ова е повеќе несвесно – вели коавторот на истражувањето, Мина Хутилаинен.

– Трудниците можат да им пеат одредена мелодија на неродените бебиња и да ја користат по раѓањето. Ако бебето е под стрес или вознемирено, мелодијата може да го потсети на смирувачката средина што ја имало во утробата – објаснува коавторот на истражувањето, Еино Партанен.

Иако сè повеќе истражувања потврдуваат дека неродените бебиња учат во утробата, експертите велат дека не треба да се претерува бидејќи тоа може да го наруши нормалниот развој.

– Иако плодот може да учи, тоа не значи дека треба да се учи сосила. Бебето веќе добива доволно стимулации во утробата, а секој дополнителен може да биде контрапродуктивен, па не треба да претерувате – тврди Џенет ди Пиетро, ​​психолог од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во САД.

Извор



912

X