Микропластиката може да се најде во речиси секоја средина на планетата, но научниците знаат изненадувачки малку за тоа како производите што ги користиме секој ден ги распределуваат овие малечки пластични честички. Ако пиете вода од пластично шише или ако јадете некој вид храна од пластичен сад денес, има добра шанса да користите полипропилен. Полипропиленот се смета дека е безбеден и одржлив за многу различни примени – па затоа е најчесто користена пластика во подготовката на храна. Друго место на кое можете да го најдете е во бебешките шишиња. Претпоставуваме дека шишињата направени од пластика се стабилни кога се стерилизирани со топла вода и протресени додека се подготвува формулата.

Но, во ново истражување се покажува дека бебешката формула подготвена во шише од полипропилен ги изложува бебињата во светот на 1 милион честички од микропластика на дневна основа. Ова е голема количина во однос на она што се сметало порано. Претходни студии посочуваат дека возрасните и децата во САД биле изложени на количини помеѓу 74 илјади и 211 илјади честички во текот на цела една година преку храната што ја јадат, водата што ја пијат и воздухот што го дишат.

Микропластиката во формулата за хранење

Како и многу истражувачки проекти, нашето истражување почнува со опсервација и разговор. Еден ден, колега подготвуваше инстант-нудли во пластичен сад. Садот изгледаше во ред, но откако истури топла вода во него, се промени и стана мек. Бевме љубопитни и се прашувавме дали микропластиката може да се ослободи при процесот. Направивме брз тест во нашата лабораторија и откривме дека садот испушта над 1 милион микропластични честички на еден литар топла вода. Започнавме да тестираме други садови изработени од полипропилен, како пластични шишиња, со течности на собна температура и откривме неколку микропластични честички кои се ослободуваат на секој литар, од 0 до неколку стотици. Изгледа топлината беше проблемот.

Сакавме да дизајнираме експеримент кој ќе тестира колку продуктите од полипропилен ќе реагираат на регуларно затоплување и да се задржиме на шишињата за бебиња. Спроведена беше анкета во 48 региони, покривајќи 78 проценти од светската популација, па откривме дека бебешките шишиња од полипропилен зафаќаат 83 проценти од глобалниот маркет. Одлучивме да ги тестираме овие шишиња преку избирање 10 такви шишиња и да ги следиме препораките од СЗО од 2007 година за подготвување бебешка формула во домашни услови. Тестиравме колку микропластични честички се ослободуваат додека ги следиме овие чекори, а тука е вклучено и чистење.

Стерилизиравме и мешавме течности во секое од десетте шишиња, па откривме дека ослободиле 16 милиони честички на литар вода загреана на 70 степени. Поголемиот дел од микропластичните честички биле помали од 20 микрометри со груба површина и просечна дебелина – една десеттина од нивната широчина.

Кога температурата на водата била покачена од препорачаните 70 на 95 степени – температура на речиси зовриена вода – ослободувањето на микропластиката се зголемувало од 6 милиони честички на литар на 55 милиони. Само процесот на стерилизација во кој шишето е поставено над вода загреана на 95 степени го зголемува ослободувањето на микропластика барем за 35 отсто. Ги повторивме тестовите и сфативме дека нашите резултати се значајни. Но, испративме и примероци и методологија до независна лабораторија да ги верифицира. Ги вратија со лични резултати, па можевме да бидеме сигурни во нашите откритија – колку тие и да беа вистински шок.

Како да се намали изложеноста

Со оглед на распространетоста на таквиот вид шишиња и големата количина ослободена микропластика во нашиот експеримент, одлучивме да одиме чекор понапред со истражувањето. Утврдивме како 12-месечно дете има веројатност да биде изложено во 48 региони во светот, па споредивме со просечните стапки на ослободување на микропластика од шишињата за хранење, пластичните шишиња на пазарот, стапките на хранење преку шише и количината на млеко што ја консумираат бебињата на дневна основа. Заклучивме дека децата консумираат во просек 1,6 милион полипропилен микропластични честички секој ден.

Не сакаме да бидеме алармот, бидејќи не ги разбираме целосно ризиците за човековото здравје преку изложеноста на овие малечки пластични честички. Но, во меѓувреме има начини да се намали изложеноста на децата на овие честички за време на хранењето. Можат да се користат некои облоги за да се изврши превенција, како и филтри кои може да се користат во шишињата со вода. Развивме и низа процедури за стерилизација на шишињата и подготовка на формулата за хранење, а истовремено да се намали изложеноста на микропластични честички. Најлесните и најбрзите чекори се:

1. Исплакнете ги стерилизираните шишиња за хранење со ладна, стерилна вода.
2. Секогаш подготвувајте формула во садови кои не се од пластика.
3. Откако формулата ќе се излади на собна температура, префрлете ја содржината во изладено, стерилизирано шише за хранење.
4. Избегнувајте повторно греење на подготвена формула во пластичен сад, особено во микробранова печка.

Автор: Нејтан Думлао

Извор



912

X