Производот ја отсликува љубовта која таа ја вложува во неговото креирање

Инспирацијата да го создадам Бебе Постер е мојот син Калин. Во моментот кога го запознав и го прегрнав за прв пат открив еден нов универзум преполн со љубов. Тој е тој момент кој го раскажувам со она што го изработувам. Затоа и слоганот гласи: „Еден момент, една линија љубов”, вели Елена Граматикова која стои зад проектот Бебе постер.

Таа изработува персонализирани постери, а секој постер, посебен и оригинален, е со еднолиниска илустрација во големина колку што било бебето кога се родило.

Илустрациите се авторско дело на Андреј Павлов.

– Тоа е соработка со која целиме Бебе Постер да биде уметничко дело за сечиј дом и спомен за најубавиот момент на секој родител. За креирање на секој постер потребни се информации за бебето, име, датум, час, висина и тежина, од денот на раѓање – вели Елена.

Елена и Калин

Илустрацијата е збогатена со позадина во пастелни бои и срценце за да може да се прилагоди на сечиј вкус.

– Секој нарачател бира каква илустрација сака и дали и какви бои сака да бидат додадени. Моментално имаме четири илустрации, две вертикални и две хоризонтални. А креиравме и опција со две бебиња за близначиња или две дечиња, триплет со илустрација со раче и ноџе за новороденче и стапалки за први чекорчиња. Секој постер се персонализира со податоци за бебето за кое е наменет и секоја илустрација е во соодветна големина – вели Елена.

Објаснува дека со овие креации се труди и да го зачува секој момент со синчето Калин.

– Тоа се мали работи кои ќе ме потсетуваат на секојдневни ситуации кои нема да се повторат бидејќи секој ден моето мало бебе станува сѐ поголемо детенце. Затоа, Бебе Постер постојано стои врамен на ѕид. Секогаш кога ќе поминам покрај него ми се полни срцето со топлина, се сеќавам на првата прегратка, на тоа колку било мало, кога ли порасна… – вели Елена.

Драго ѝ е оти постерите им се допаѓаат на многу родители на новороденчиња, но и на поголеми дечиња.

– Изненадувачки за мене е бројот на нарачки за мекици и за роденден. Кога прашувам за што е наменет постерот ми велат дека сакаат да ги изненадат родителите на бебето со нешто несекојдневно и убаво, нешто што ќе предизвика среќа. Кога пак ќе ги видам реакциите на родителите тоа ми дава храброст и желба да продолжам да го работам Бебе Постер. После секоја испорака ме пречекуваат топли зборови исполнети со искрено изненадување и среќа. Пресреќна сум од реакциите и многу ми е мило што Бебе Постер ја исполнува својата цел, да го стопли срцето на родителите – раскажува нашата соговорничка.

Илустрација со легнато бебе

Производот ја отсликува љубовта која таа ја вложува во неговото креирање. Во целиот процес ѝ помага сопругот.
Повеќето од оние кои бираат креација ја бираат онаа со испружено бебе, кое е речиси секогаш со срценце во боја, но не изостануваат и останатите опции.

Триплет со фотографија

– Ние од тимот кој стои зад Бебе Постер, работиме напорно за да ги реализираме сите планови за кои треба време и многу труд. Се фокусираме на Бебе Постер но додадовме и илустации за стапалца за први чекорчиња како и триплет за новороденче со раче и стапалце. Ја комплетираме мисијата за да биде чувар на убавите спомени. Она кое го планираме во блиска иднина е веб-страница со апликација за нарачка на постер и промоција надвор од Македонија со можност за испорака низ цел свет – додава Граматикова.

Фото извор



912

X