Најмногу ме радува кога мојот тим ќе победи, а најтажен сум кога ќе пропуштам некој тренинг поради настинка, бидејќи многу го сакам фудбалот и сакам да бидам како Роналдо, Нејмар или Мбапе, вели 9-годишниот Ренато Амет од Скопје, еден од најнадежните македонски фудбалски таленти. Се подруживме со него, со мајка му Флора и татко му Јусуф

Ако продолжи да биде вреден и ако го следи среќата, несомнено е дека ќе го гледаме на големите фудбалски стадиони. Засега упорно тренира, учи и им се воодушевува на Кристијано Роналдо, Нејмар де Силва Сантос Јуниор и на Килиан Мбапе.

Деветгодишниот Ренато Амет од Скопје можеби е уште мал, но вели дека веќе има зацртана цел – да биде фудбалер. И работи на тој план. Редовно тренира, а за најголем успех ја смета поканата од школата на Ла Масија во Барселона, во која тренираше со тамошните деца, како и сите освоени дипломи и медали. Сега со возбуда се подготвува за нов, голем предизвик за почетокот на летото.

Ренато и Карло Буонопане, тренер во школата на „Јувентус“

Ренато на 7-годишна возраст учествувал во кампот на „Барселона“ во Умаг, Хрватска, за деца од 6 до 16 години, каде што го освоил првото место, како и во школата на загрепски „Динамо“ во Горски Котар, Хрватска. Бил поканет и од Академијата на „Хајдук“ во Сплит, потоа во кампот на „Реал Мадрид“ во Скопје, во Јувентус камп – Македонија, каде што ја освои главната награда, како и Јувентус камп – Србија.

Моментално тренира во фудбалската школа „Форца“.

Со тренерите во кампот на Реал Мадрид и организаторот од земјава

Фудбал, ама и време за велосипед, Дамјан, Теа…

Фудбалските познавачи го сметаат за еден од најнадежните млади таленти.
– Фудбалот е најубав спорт за мене. Најмногу ме радува кога мојот тим ќе победи, а најтажен сум кога нема да можам да играм поради тоа што сум настинат. Секое утро ме буди мама и се подготвувам за на училиште, а откако ќе ми завршат школските обврски, ќе одморам, ручам и се спремам за на тренинг. Потоа или одиме на прошетка со мама и тато или се одмараме дома – вели Ренато.

Тој е сериозно посветен на спортот и учи да се однесува како вистински професионалец.
– Многу внимавам на исхраната. Поради спортот, треба да внесувам многу зеленчук и овошје, а пред тренинг ручам зеленчук со месо и пијам смути – раскажува тој.

Ренато сака да си игра со другарите, да вози велосипед со нив или заедно да го гледаат омилениот јутјубер.
– Сакам да играм криенка, а и игри на плејстејшн. Играме со мојот најдобар другар Дамјан Буцевски, а кај него дома и тренираме фудбал. Мојата најдобра другарка е Теа од училиште – вели Ренато.

Учителката во градинка прва го забележала талентот

Родителите на Ренато, Флора и Јусуф, го поддржуваат во неговите спортски желби, но на прво место им е правилното воспитување и развивање на нивното дете.

– Како и секој татко, првата играчка што му ја подарив на мојот син беше фудбалска топка. Топката за кратко време му стана најдобар другар на Ренато и така го покажа и интересот за фудбалот како спорт – вели таткото Јусуф.

И тој и мајката Флора се задоволни од резултатите што Ренато ги покажал во фудбалските кампови, но велат дека сè уште е рано да се зборува за идни планови.

Правилното воспитување и развој на прво место

– Според неговите тренери и досегашните кампови што ги посетивме, имаме позитивни одговори. Но, сè уште е рано да се зборува за неговиот развој. Она на што треба да се посветиме е она што тој моментално го прави, а тоа се редовните и правилни тренинзи – вели мајката Флора и се присетува дека сè почнало кога талентот на Ренато го забележала неговата воспитувачка во градинка, додека другите деца си играле во занималната со играчки, Ренато не ја оставал топката.

Родителите на Ренато велат дека сега најважно од сè е неговото воспитување.

– Се обидуваме најдобро што можеме да ги осмислиме потезите во воспитувањето. Воспитувањето е една од најубавите, но истовремено и една од најтешките задачи на еден родител. Ние како родители гледаме предвреме да мислиме на добрите страни и ризици што ќе ги донесе секој наш потег. Секако, не сме безгрешни родители. Гледаме да ја најдеме златната средина и да го правиме она што води по правилниот пат – вели мајката Флора и додава дека се среќни со сопругот Јусуф што имаат скромно, посветено, одговорно и разбрано дете, кое знае да почитува.

За фудбалските планови на Ренато уште е рано, според неговите родители, бидејќи тој сè уште е дете кое има училишни обврски, а тоа е најважно во моментов. Тие велат: „Времето ќе покаже, а ние сме тука да го поддржиме“.



912

X