Сите знаеме дека физичката активност е важна за малите деца. Кога ќе ја споиме со уметноста, доаѓаме до добитна комбинација која придонесува за правилен развој на нашето дете на многу полиња.

Многу девојчиња уште од мали сонуваат да станат балерини. Се замислуваат себеси во балетанки и балетско фустанче како блескаат на сцената додека публиката им аплаудира. Ова не само што ќе го направи среќно вашето дете, туку носи и многу бенефити за неговото здравје и развој.

Секоја спортска активност е важна за развојот на вашето дете, особено на помлада возраст кога развојот на организмот се одвива забрзано. Тогаш е неопходно детето да има што повеќе физичка активност.

Правилен развој на телото

За правилен развој на локомоторниот систем, многу е важна физичката активност на детето. Освен истегнување, загревање и самата подготовка за тренинг, најважниот дел од часот е посветен на учење на движења и кореографија. На овој начин детето ќе ја развива својата мускулатура, мускулно-зглобните врски ќе се зајакнуваат, а коските ќе бидат сè поотпорни на повреди.
Ова е многу важно за деца со одредени деформитети, како што се рамни стапала, кифоза или сколиоза. Константното учење на движења и танцување на прсти се најдобри вежби за решавање на проблемот со рамни стапала. Со редовно вежбање вашето дете ќе изгради стапала со правилен облик. Со константното инсистирање на правилно држење на грбот, вежби и истегнувања, ‘рбетот ќе се одржува во правилна положба. Деформитетите на ‘рбетот многу полесно се коригираат кај деца отколку кај возрасни лица. Затоа е најдобро да се решаваат навреме.

Зголемена кондиција и енергија

Освен што балетот поволно влијае врз физичкиот развој на детето, тој како аеробна активност е многу важен за постигнување добра кондиција кај децата. Танцувањето влијае врз правилното дишење кај децата, го зајакнува срцевиот мускул и ја подобрува циркулацијата. Децата ќе добијат повеќе сила и енергија. Физичката активност влијае врз развојот на целиот организам, го подобрува функционирањето и на респираторниот и на дигестивниот систем. Се зајакнуваат и отпорноста на организмот и имунитетот.

Самосвест

Оваа физичка активност носи придобивки и на едно подлабоко ниво. Гледајќи се себеси како изведуваат пируети во огледалото, малите стануваат самоуверени и горди на својата работа. Можеме да замислиме како настапот на сцена ќе ја зајакне нивната самодоверба. На помала возраст децата полесно го совладуваат стравот од јавен настап, што е многу важно за нивното идно поведение.

Уметнички дух

Не заборавајте дека сите деца поседуваат таленти и способности на разни полиња. Креативниот дух треба да се поттикнува и негува секојдневно. Доколку малите деца имаат можност да импровизираат и да даваат сопствени идеи на часовите по балет, тоа ќе ги разбуди фантазијата и иновативноста кај нив. Не заборавајте дека освен физичка активност, балетот е уметност каде што детето на најдобар начин ќе може да го покаже својот уметнички дух и креативност.

Социјализација

Балетот колку што е физичка, толку е и социјална активност. Кога константно ќе бидат во друштво на своите врсници, децата ќе создаваат нови пријателства, ќе се забавуваат, а паралелно ќе учат како се работи во тим, како се почитуваат другите и какви се нивните особини и идеи. Доколку имаат можност да се натпреваруваат, малите деца ќе научат да го развиваат својот натпреварувачки дух, што ќе ги натера да го дадат својот максимум и да бидат максимално посветени на својот избор.

Доколку вашето дете има талент, но првенствено волја и желба, поддржете го во оваа идеја бидејќи може да му донесе придобивки на повеќе полиња. Не само што ќе придонесе за неговиот правилен раст и развој, балетот може да развие и добри особини на планот на емоции, самосвест и социјализација.

 



912

X