Игротека

Бабите што ги чуваат внуците живеат подолго

Баба-ефектот е појава која ја објаснува долговечноста на луѓето во одредени делови од светот. Тоа се општества каде што старите луѓе живеат со своите семејства и активно се вклучени во секојдневниот живот на домаќинството, особено имаат обврски кон внуците.
Всушност, не само што заедничкиот живот со блиските им го продолжува животот на бабите и на дедовците за шест години туку и децата што растат со баба и дедо помалку се разболуваат и имаат помала стапка на смртност.
И еволуционистите забележале дека улогата на старите жени во заедницата е клучна, па така настанала и баба-хипотезата. Имено, за разлика од мажите, жените се ограничени кога станува збор за плодноста. Тогаш, зошто живеат толку долго по влегувањето во менопауза?

Научниците сметаат дека грижата за внуците и нивниот придонес кон заедницата се клучни за нивниот успешен опстанок и ги зголемуваат шансите нивните гени да се одржуваат во идните поколенија. Со самото тоа што се долговечни бабите имаат повеќе потомци, па нивните гени за долговечност се пренесуваат понатаму и се шират низ популацијата.
Ден Бјутнер, истражувач на долговечноста, посветил внимание на влијанието на ангажираноста во постарите години врз должината на животот. Во таканаречените „сини зони“ – области со најмногу стогодишници, не постои идеја за „пензионирање“, туку луѓето се активни и во своите деведесетти години – работат во градината, одат на риболов, готват, многу пешачат. Интересно – како што им одминуваат годините, така социјалниот живот им станува побогат – вечерите ги поминуваат со друштво, на игранки, се грижат за внуците и уживаат во целосното внимание и почитта од целата заедница. Во ваквите општества неприфатливо е испраќањето на родителите во старски дом.
Да се има цел и причина да се продолжи натаму – е еден од најдобрите рецепти за долговечност. Затоа и заминувањето во пензија е најризичниот настан во животот на постари години, објаснува Бјутнер.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top